Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

АМС со владина поддршка ја презема организацијата на Охридскиот маратон

Охридски маратон сепак ќе има, нема да биде прекината долгогодишната традиција. Потврда за тоа најпрво стигна од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а сега се јави и Агенцијата за млади и спорт со соопштение.

„Агенцијата за млади и спорт со владина поддршка ја презема организацијата на Охридскиот маратон. Годинава е 60 годишниот јубилеј на Охридскиот маратон. Како традиција, која Охрид и државата ги става во центарот на светската спортска мапа, Агенцијата за млади и спорт, заедно со Владата Република Северна Македонија, заедно со сите надлежни институции, нема да дозволат овој познат, реномиран и светски признаен пливачки маратон да прекине и ќе ја преземе организацијата за одржување на маратонот. И годинава, Охридскиот маратон во водите на Охридското езеро ќе ги пречека сите пријавени учесници и ќе продолжи да биде атракција како за вљубениците во спортот, така и за граѓаните на Охрид и за сите туристи кои наменски доаѓаат токму за да го проследат овој голем спортски настан“, стои во соопштението на Агенцијата за млади и спорт.

Утре (петок), прес-конференција ќе оддржи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, таа ќе се одржи во просториите на општина Охрид, а на неа ќе бидат споделени повеќе детали за организацијата на Охридскиот маратон.