Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Дачиќ: Целосна поддршка за Вучиќ во одбраната на националните интереси

„Србија со сите свои сили се бори за мир учествувајќи во преговорите во Брисел, иако Приштина не сака да го спроведе тоа што е договорено, постојано спроведувајќи еднострани потези чија цел е воено освојување на северот на Косово и Метохија и погром и протерување на Србите. Европската Унија и Западот молчат, со што, всушност, ги одобруваат постапките на Приштина“, кажа Дачиќ.

Како што истакна, молчат и на најновите резултати на пописот во Хрватска, каде продолжува протерувањето на Србите, молчат и на барањата за ревизија на Дејтонскиот договор во БиХ, каде се бара укинување на Република Српска.

„Молчат и кога министерствата за надворешни работи на Албанија и Косово потпишуваат различни договори со кои се предвидуваат заеднички дипломатски претставништва и помош во признавањето на Косово“, наведе Дачиќ.

Истакна дека ЕУ и Западот реагираат само кога треба да ѝ се закануваат на Србија, како на пример поради планот за консултациите на министерствата за надворешни работи на Србија и Русија.

„Јас лично, како министер за надворешни работи, за шест години потпишав неколку такви договори со Русија, како и со други земји, што е сосема вообичаена пракса, и што воопшто не влијае на надворешната политика на Србија“, кажа Дачиќ.

„Основните принципи на меѓународното право белким важат и за Србија, и за нашиот територијален интегритет и суверенитет. Тоа е она што најмногу им смета на разните гласноговорници – тоа што Србија цврсто и постојано го брани својот територијален интегритет и кога тие процениле дека тоа не важи за Србија признавајќи го Косово“, кажа Дачиќ.

Тој додаде дека тие никако да сфатат дека никаков непринципиелен притисок и закани нема да влијаат врз Вучиќ да ја смени својата политика.

„Во овие тешки моменти за нашиот народ и државата потребно е народно единство и стабилност, и ги повикувам сите политички партии да застанат зад политиката на Вучиќ – сè за мир, но Србија пред сè. Што се однесува до мене лично и Социјалистичката партија на Србија, како и секогаш стоиме цврсто во поддршката на претседателот Вучиќ, за зачувување на мирот и заштита на нашите национални и државни интереси“, кажа Дачиќ за Танјуг.