Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Финска би можела да постави нуклеарно оружје на помалку од 1.000 километри од Москва

Претходно имаше нагаѓања дека Финска се колеба дали на својата територија да прифати нуклеарно оружје или постојани единици на НАТО, како и дека би можела да бара гаранции дека тоа нема да се случи.

Премиерката Сана Марин кажа претходно оваа година дека НАТО нема интерес за бази или распоредување нуклеарно оружје во таа земја. Но на инаугурацискиот безбедносен форум во Хелсинки минатиот викенд, претседателот на Финска Саули Нинисто кажа: „Финска сака да стане членка на НАТО, точка. Ништо повеќе, ништо помалку. Немаме никакви посебни барања или резерви кои би ги поставувале како предуслови за нашето членство“.

Оваа изјава теоретски ја отвора можноста за поставување нуклеарно оружје на НАТО во Финска, а притоа треба да се земе предвид дека јужната граница на земјата е оддалечена помалку од 1.000 километри од Москва.

Финска и Шведска би требало наскоро и официјално да станат 31 и 32 членка на НАТО, се чека уште ратификацијата во унгарскиот и турскиот парламент. Со влегувањето во НАТО тие две земји ја завршуваат децениската политика на неутралност, што само по себе е стратегиски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи влезот на двете земји во НАТО е последица на војната во Украина.

Ова двојно пристапување ќе ја смени геостратегиската ситуација во северна Европа. Балтичкото Море ќе стане она што некои аналитичари го нарекуваа „езеро на НАТО“, додека финско-руската граница долга 1.300 километри ќе стане новата линија на раздвојување на НАТО и Руската Федерација.

Русија има неколку нуклеарни бази во близина на финската граница. Тоа ги вклучува интерконтиненталните балистички ракети сместени во Виползово, околу 489 километри од границата, и неколку нуклеарни подморнички бази во радиус од 350 километри од границата во Баренцовото Море.

Финската премиерка Марин во мај кажа дека воениот пакт не покажал желба да постави нуклеарно оружје на финската територија. „Никој нема да дојде да ни наметне нуклеарно оружје или постојани бази ако ние не ги сакаме“, кажа Марин во Рим.

Тоа засега не се сменило, пишува Њузвик, но додава и дека таквата можност не може да се исклучи.

Каи Сауер, државен потсекретар за надворешна и безбедносна политика во финското министерство за надворешни работи вели дека според неговите сознанија на ниедна од таканаречените „нови членки“ на НАТО не ѝ е понудено нуклеарно оружје.

Но, тој додава дека ситуацијата е нестабилна и дека членството во НАТО е добра насока. „Зошто би ограничиле која било од можните опции: Не велам дека премногу сме одушевени од можноста да добиеме нуклеарно оружје. Но, тоа на крајот е политичка одлука, а ние сè уште не сме членка. Значи, ќе видиме“, кажа тој.