Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Галагер со прекрасен гол во 90. минута донесе победа за Челси, Тросар со хет-трик го изненади Ливерпул (ВИДЕО)

Грем Потер ја забележа првата победа на кормилото на Челси, попладнево „сините“ славеа со 1-2 кај Кристал Палас.

Домаќините добро го отворија натпреварот и поведоа со 1-0 со голот на Едуар во 7. минута.

Челси потоа имаше неколку убави шанси и успеа да изедначи на 1-1 во 38. минута, Пјер Емерик Обамејанг го постигна својот прв гол во дресот на „сините“.

Гостите во вториот дел продолжија да притискаат и на крајот стигнаа до цел плен. Во 90. минута, Конор Галагер прекрасно погоди од врвот на шеснаесетникот за 1-2.

 И покрај тоа што голот беше вреден три бода, Англичанецот не се радуваше од почит кон Кристал Палас, клубот во кој играше минатата сезона.

На Енфилд беше прилично возбудливо, Ливерпул и Брајтон одиграа 3-3.

Гостите одлично го отворија натпреварот, Тросар донесе водство по само 4 минути игра. Истиот фудбалер го матираше Алисон во 17. минута за 0-2 и најави големо изненадување.

Фирмино во 33. минута намали на 1-2 и ги врати домаќините во игра, Бразилеот потоа одлично се снајде во 54. минута и реализираше за 2-2.

Десет минути подоцна беше направен комплетен пресврт, Вебстер несреќно си постигна автогол и Ливерпул поведе со 3-2.

Сепак, гостите не се предадоа и преку Тросар во 83. минута успеаја да се изборат за реми и бод.

Фудбалерот од Белгија ќе има убави спомени од овој меч, стана само третиот фудбалер кој на Енфилд забележал хет-трик во Премиерлигата, прв по Андреј Аршавин во 2009.