Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Граѓаните сѐ уште одат во странство за да пратат пакет

Граѓаните кои што праќаат пратки во странство треба да внимаваат, особено оние кои праќаат предмети и роба од помал обем. Од „Македонска пошта" препорачуваат граѓаните секојдневно да се информираат за правилата за транспорт во земјата во која што праќаат, откако занаетчии реагираа до редакцијата на МКД.мк и се пожалија дека не можат да испратат роба во Соединетите Американски Држави (САД) не потешка од два килограми, нешто што до сега вообичaено го правеле.

„Како последица на пандемијата на ковид–19 вирусот во државите ширум светот дојде до значајни промени и во меѓународното поштенско работење. АД „Пошта на Северна Македонија" – Скопје е во постојан контакт со меѓународните поштенски оператори и превозници и своето меѓународно работење го прилагодува на постојната состојба. Пописот на држави за кои е овозможено испраќање на поштенски пратки се ажурира согласно околностите во државите", информираат од Пошта.

Од таму препорачуваат корисниците на нивните услуги пред испраќање на поштенски пратки во странство да го проверат пописот на држави и условите под кои може да се испраќаат поштенски пратки. Последните ажурирани податоци на Пошта покажуваат дека граѓаните можат да праќаат писма и пратки од секаков вид до 65 држави ширум светот. Единствен исклучок е тоа што граѓаните не можат да испраќаат мали пакети и препорачани пратки во Америка во кои има предмети или роба до два килограми.

Ако тежината на пратката е над два килограми тогаш пратката ќе биде прифатена и испорачана на наведената адреса во оваа држава.

Ограничувањата дома не важат во странство - решението е во странските пошти

Од Македонска пошта уште посочуваат дека поради пандемијата на ковид–19 вирусот промени има и во работата на авиокомпаниите.

„И авиокомпаниите преку кои се транспортираат поштенските пратки вршат промени на летовите на дневна основа. Со оглед на тоа, а и заради редуцираниот број на летови, очекувани се поголеми задоцнувања во транспортот", информираат од Пошта.

Во меѓувреме граѓаните кои што продаваат роба во странство мора да се снаоѓаат.

„Изработувам накит за кој имам нарачки и од странство. Редовно ја испраќав робата во Америка без проблем. Но од крајот на јули годинава во пошта не ми ја примаат. Така морав да се снаоѓам. Сега мора да одам во Албанија за секоја порачка што морам да им ја испратам на моите клиенти", вели занаетчија од Охрид со кого разговараше МКД.мк.

Според официјалните податоци Македонска пошта во првиот квартал од годинава заработила околу 730.000 евра во делот на меѓународниот поштенски сообраќај.

Искра Опетческа