Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Грковска: Во какво општество живееме зависи од секој од нас и тоа е пораката што сакаме да ја испратиме преку кампањата „Зависи од мене и од тебе“

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска која денеска гостуваше на утринската програма на Националната радио телевизија кажа дека во какво општество живееме зависи од секој од нас.

„Во какво општество живееме зависи од секој од нас. Секој од нас би требало да биде одговорен во делот на позицијата што ја има. И тоа е главната порака на кампањата што со мојот Кабинет ја реализираме под насловот „Зависи од мене и тебе“. Дали ќе одиме напред зависи од сите нас. И се разбира дека политичарите треба да бидат пример за тоа како треба одговорно, професионално, отчетно и чесно да ја вршат својата функција, да покажат како треба да изгледа политичар со интегритет кој работи за доброто на граѓаните, а не за личен интерес и таа порака да ја пренесе во сите сфери на општеството“, изјави Грковска.

Вицепремиерката на прашањето во однос на обуките за интегритет и добро владеење нагласи дека преку Проектот за граѓанско учество на УСАИД беа опфатени седум средни училишта, 240 ученици и 180 вработени: директори, професори и друг кадар од седум средни училишта во земјава. Беа организирани и кампови и работилници за професорите и за младите за зајакнување на свеста за тоа што значи корупцијата.

„Младите се надежта на оваа држава, тоа не е некоја флоскула, меѓутоа зрелоста што ја покажуваат низ сите овие активности што ги имаме заедно со нив мене ми дава за право да заклучам дека имаме иднина со начинот на кој размислуваат. Младите треба да бидат оние кои ќе го донесат просперитетот, кои ќе влијаат на позитивните промени. Имаат шанса да направат модерно, демократско општество, да внесат позитивни промени“, рече Грковска.