Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, кажа дека Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски преземаат навремени мерки за заштита на граѓаните и фирмите во време на економска и енергетска криза.
„Обезбедени се храна, струја и енергенси за претстојната зима. Владата субвенционира 80 отсто од сметката за електрична енергија за над 600.000 домаќинства и над 70.000 мали и средни компании. Со мерката за основните и средните училишта кои се префрлаат на регулираниот пазар, обезбеден е наставниот процес со физичко присуство во зима. Поевтина електрична енергија е обебзедена и за болниците и здравствените установи. Парно во Скопје ќе има за целата грејна сезона благодарение на тоа што го презема Владата откако ВМРО-ДПМНЕ покажа неспособност и се откажа“, вели Каевски.
Портпаролот на СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се посветени на тендери и провизии.
„Последно, се скараа за тендер од 136 милиони евра во Скопје и самите се фатија со рацете во медот. Скопје и општините кои ги раководи ВМРО-ДПМНЕ стојат една година, не се реализираат проекти. Шпицниот градоначалник Мицкоски со неговите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ вртоглаво ги покачуваат комуналните услуги и директно брцаат со рацете во џебот на граѓаните. Секаде каде што е ВМРО-ДПМНЕ локална власт се покачуваат локалните комунални услуги, на штета на граѓаните. Во Прилеп комуналните услуги се покачени за 67 отсто, во Штип за 40 отсто, во Велес јавниот превоз е зголемен за 40 отсто, додека во општина Охрид покачени се и јавниот превоз и комуналните услуги. Наместо мерки за помош на граѓаните и работа, шпицниот градоначалник Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мислат на тендери и удираат по џебот на граѓаните“, вели тој.
СДСМ се грижи за граѓаните во време на криза, шпицниот градоначлник Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се грижат само за тендери и провизии, порача пратеникот.