Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Лога: Законот за амнестија за десет дена во Собрание, очекувам поддршка од сите пратеници

Законот за амнестија ја доби поддршката во владина постапка и за десет дена истиот закон ќе биде пред пратениците во Собрание. Тврдам дека ниту еден избран или именуван од страна на институциите нема да биде опфатен со амнестијата, исто така ниту семејното насилство и предмети врзани со семејно насилство нема да бидат дел од амнестијата. Значи се повторува законот од 2018 година, кога предлагач беа сите политички партии, со тоа што беше и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ, ДУИ, Алијанса и сите други политички партии кои се дел од Собранието, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога.

Тој нагласи дека очекува поддршка од сите пратеници и политички партии, бидејќи, како што рече, ова не е за секојдневната политичка агенда туку, произлегува од неговата посета на затворот Идризово.

– Видовите и сами дека државата не е на ниво, на тоа што го бара законот и на тие стандарди кои се дел од нашиот систем. Очекувам поддршка и освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало, за секој пратеник да се гледа пред да гласа за овој закон. Јас носам одговорност за условите за овие шест месеци, сите други треба да сносат одговорност од 1945, а особено од 1991 година, нагласи Лога.

Ако државата нема можност да ги рехабилитира лицата со помали тешки дела, тогаш, посочи Лога, тие ќе треба да се вратат дома како насилници или како криминалци.

– Не очекувам дека ќе биде блокиран, бидејќи тогаш ВМРО-ДПМНЕ и другите партии ќе треба да се демантираат самите себеси од 2018 година. Законот е ист, не се додавани, туку се изземени кривични дела, изјави Лога.

Лога, исто така, информираше дека веќе се обезбедени средства и дозвола за градба на нов објект во КПД Идризово, и најави тендер до крајот на ноември годинава.

– Се очекува после сите постапки, во рок од четири години истиот да биде пуштен во употреба. До тогаш, јас и целта на овој закон е, да имаме амнестија за да може овој сив период од четири години, да може државата да делува како што се очекува од една сериозна држава, појасни Лога.

Прашан за тоа дали со законот излегуваат дел од осудените за случајот „Монструм“, рече дека прашањето е тенденциозно и се врзува само со еден предмет и повика да не се игра со имиња и емоции на случаи.

– Кажав дека е истиот закон од 2018 година. Ако во 2018 такви дела биле амнестирани, пак ќе се амнестираат. Значи, законот не влегува во конкретни предмети. Законот е ист и таков ќе биде предложен до Собранието, изјави Лога.

Од таму, посочи Лога, нема да излегуваат академици, туку се знае дека ќе излегуваат затвореници осудени за кривични дела.

-Значи само во ВМРО-ДПМНЕ може да се случи затворник да влегува како криминалец, и да излезе како академик и да се пречека во палатата како да е некој јунак во државата, изјави Лога.