Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Меџити: Не е вистина дека глукомерите не се точни

Ви тврдам дека додека сум министер, отсега натаму нема да се случи да доцни тендерирање или јавни набавки за лекови, освен во случај ако нема некоја компонента или материја, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити, во врска со набавката на глукомерите и лентите за дијабетичарите. 

Тој изрази жалење за задоцнувањето на тендерот и посочи дека, заедно со Здружението на дијабетичари го правеле невозможното овие неколку месеци за да може тој тендер побрзо да се објави.

- Но, знаете, од моментот кога се објавува тендерот компанијата што ги носи глукомерите и лентите има рок од три до шест месеци, што во овој случај не беше пракса. Ги замоливме претставниците од компанијата, беа во два наврати кај мене за да можеме што побрзо да ги набавиме овие глукомери и лентите за да можат дијабетичарите нормално да го добијат тоа што им е свето право, што им е загарантирано и со закон, рече министерот. 

На новинарско прашање дека има поплаки за добиените глукомери дека дошле во несоодветно пакување и без упатство за употреба, министерот одговори дека ја замолиле компанијата во иднина тоа да не се случи.

- Ние направивме напори и ја замоливме компанијата тие да се стават во кутија и да имаат упатства, во иднина да не се носат така. Нормално дека дијабетичарите во овој случај имаат право, но законите се тие во државата за јавни набавки и ние мораме да ги испочитуваме. Јас како министер и Министерството за здравство ви гарантираме дека се квалитетни, ефективни и добри, рече министерот.

Меџити ги негираше шпекулациите дека глукомерите биле во некој магацин.

 - Тоа не е вистина, може да го проверите во Царина. Од 14 септември 2023 тие се поминати, царинети, стандардизирани со сите протоколи, со сите документи, посочи министерот. 

Во однос на прашањето кога конечно ќе се стави ред со дијабетичарите, министерот изјави дека не можат преку ноќ да ги сменат работите. 

- Доколку дијабетичарите имаат шест месеци проблеми за кој јас навистина жалам, има 15 години проблеми со ажурирање на позитивна листа. Го немаше тоа, сега го има. Навистина, за седум месеци толку можевме. Преку ноќ нема да ги смениме работите, рече министерот Меџити. 

Според него, за ова е потребно систематско решение.

- Најдобро можно решение е да биде со референтни цени. Тоа подразбира дека ќе одите во аптека и ќе имате една квота, одредена сума на финансиски средства до која ќе ја покрива Фондот за здравствено осигурување, а тоа кој каков бренд ќе сака, таков ќе земе, рече тој.

Министерот сподели дека неделава се стигнати пет илјади глукомери, а се очекува следниот месец да пристигат уште 17 илјади.