Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

„Не познавам некого што гласал“: Украинците бегаат од руската анексија – додека уште можат

Додека Русија најави дека на церемонија в петок ќе анектира украинска територија со големина на Португалија, откако изведе, како што ги нарекува, референдуми во четири провинции, стотици Украинци бегаат преку последниот руски контролен пункт. Многумина од нив изјавија за Ројтерс дека бегаат додека сè уште можат.

„Голем број луѓе оставаат сѐ зад себе. Има места што се целосно напуштени“, рече Бојко. „Сите сакаат да бидат во Украина и затоа сите си заминуваат. Ова е зона на беззаконие. Цели села заминуваат“.

Тој, неговата сопруга и нивните две деца пристигнале во хуманитарниот центар на паркингот на продавница во украинскиот град Запорожје, откако чекале два дена пред руските сили ненадејно да ги пуштат од окупираната територија.

Оние што побегнале изјавиле за британската агенција дека таканаречениот референдум го спровеле вооружени лица, кои ги принудувале луѓето да гласаат на улица.

„Тие можат да соопштат што сакаат. Никој не гласаше освен неколку луѓе што сменија страна. Одеа од куќа до куќа, но никој не излезе“, рече Бојко.

Засега руските сили дозволуваат некои луѓе да ги напуштат окупираните делови на Херсон и Запорожје преку единствениот контролен пункт. Никој не знае колку долго таа рута ќе остане отворена.

Најголемиот страв е дека возрасните мажи насилно ќе бидат регрутирани во руските сили кога Москва ќе ја прогласи територијата за дел од Русија.

„Руските војници нè прашаа: Зошто бегате од Русија“, рече Татјана Горобец, 46-годишна медицинска сестра од Велика Лепитика, во регионот Херсон, која одговорила дека таа и нејзиниот сопруг ќе одат да ги посетат своите две деца што ги испратиле на безбедно во Лавов пред два месеци. „Не смеете да кажете ништо друго“.

Парот си ја собрал облеката, го напуштил домот и заминал од градот рано во неделата. Руските војници првично не им дозволиле да си заминат, но по три ноќи ги пуштиле, велат тие.

„Заминавме затоа што го чувствувавме притисокот, вратите се затвораа и немаше да можеме да излеземе“, рече сопственичката на продавница Људмила Сапронов (48), чие семејство патувало со друго возило заедно со семејството Горобец.

Фото: ЕПА

Бидејќи на училиштата им е наредено следниот месец да се префрлат на руски наставен план и да одржуваат часови на руски, таа не сакала нејзиниот 13-годишен син Богдан да се врати во локалното училиште.

„Можете да замислите како се чувствувам во моментов“, низ солзи рекла таа за Ројтерс. „Веднаш штом го преминавме контролниот пункт, првата фотографија што ја направив беше од украинското знаме. Среќна сум“.

„Редот возила беше толку долг што не можеше да се види крајот“, вели 37-годишниот Андриј, кој пристигнал со сопругата, двете деца и родителите.

„Седумдесет проценти од луѓето си заминуваат поради референдумот. Нема струја, нема гас, нема работа, и одеднаш имате референдум“, вели земјоделец од Берислав во областа Херсон. „Тоа е целосна глупост. Не познавам никој што гласал“.

Тој рече дека видел минувачи како на колена се принудувани да гласаат на раскрсница во Береслав.

Русија тврди дека гласањето било доброволно и дека одѕивот бил голем. Проруските официјални лица објавија резултати што наводно покажуваат огромна поддршка за анексијата. Киев и западните земји референдумот го нарекуваат целосна измама за да се оправда анексијата на територија што е одземена насилно.

„Да дојдам кај вас дома и да ви кажам - сега ова место е мое, што ќе правите“, се уфрла 60-годишниот татко на Андриј, Виктор.

„Ќе ми го предадете? Не, ме бркате со вили. Русите се морално грди. Сето ова е облеано во крв“.