Планинарското друштво „Трансверзалец“ најави дека во наредните денови, најдоцна до петок, ќе се обрати во врска со трагедијата која се случи на „Кајмакчалан“ каде загинаа младите планинари Калина Велевска и Александар Миновски, членови на друштвото.

„Трансверзалец“ пред јавноста ќе излезе заедно со Планинарскиот сојуз на Македонија, а до тогаш ги замоли сите планинари да се воздржат од изјави и да ја коментираат трагедијата.

Телата на двајцата планинари, викендов беа пронајдени од страна на грчките служби за спасување, на врвот Кајмакчалан.

Според последните информации до кои дојде Телма, двајцата настрадани планинари заедно со групата на тешки услови стигнале на неколку стотици метри од црквата на врвот Кајмакчалан. Лошите услови се гледаат и од видеото постирано од планинари во нивната група.

-Тогаш било одлучено групата да се врати, но двајцата млади планинари побарале дозвола и добиле да се качат до врвот и да ги стигнат назад на спуштање. Што потоа се случило, не е познато, објави телевиизјата.

Има и други верзии- дека двајцата настрадани се вратиле по жена и ќерка кои наводно залутале, но потоа се вратиле во кампот. Што се случило, ќе се знае откако планинарскиот клуб Трансверзалец ќе направи извештај за акцијата за искачување на Кајмакчалан. Тогаш ќе го разгледува и федерацијата на планинарски спортови, а до петок ќе има и заклучоци, објави Телма.