Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Оризопроизводителите најавуваат нов протест на 11 октомври

Нова блокада на магистралните патишта за 11 октомври најавуваат оризопроизводителите од кочанскиот регион. Причина за повторното излегување на протест е што нема никаков договор за откупните цени на оризовата арпа пред новата жетва.

-Чекавме ресорното Министерство и откупувачите на ориз да се договорат и да најдат решение за цената, но за жал од тоа нема ништо. Во моментот арпата се откупува по 22 до 24 денари за килограм, што значи не стигнува ни до производната цена од 27 денари што ја утврди Институтот за ориз. Ако тоа не е релевантно, не знаеме што може да ја определи откупната цена. Мора над тоа да имаме уште најмалку 15 денари за да опстанеме, во спротивно нема зошто воопшто да се сее оризот, истакна Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството.

-Покачувањето на трошоците само за жетва се над 50 отсто во споредба со лани, така што за еден хектар сега треба да платам околу 18 илјади денари. Исто така и репроматеријалите беа поскапи најмалку за половина од минатогодишните цени, а ѓубривата ги плативме тројно поскапо, па со оваа цена на оризот нема што да планираме за догодина, истакна Тоде Ристов, оризопроизводител од Облешево.

Земјоделците се подготвени за новата жетва, но собраната реколта нема да ја носат кај откупувачите.

-Ќе ја чувам арпата дома, за цена од 24 денари не ја давам. Од пријатели кои веќе ожнеале слушнав дека во нашиот атар има и потфрлање во добиените количини од декар, дури и до 50 отсто помалку од лани. Ако биде така, со толкаво производство и со овие откупни цени нема излез. Не знам како може цените на другите продукти да се покачуваат, а на оризот да си биде исто како лани, истакна Здравко Донев, оризопроизводител од Спанчево.

Оризопроизводителите најавуваат дека блокадата на магистралниот пат Кочани – Штип, како и претходно, ќе биде на четири пункта, но подготвени се наместо неколку часови, да трае цело деноноќие, па и подолго.