Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Побарана оставка од цела Влада, прекината седница за пратенички прашања

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски попладнево кусо по почетокот го прекина продолжението на седницата за пратенички прашања откако пратеничката Дафина Стојановска во процедурална забелешка побара оставка од целата Владата обвинувајќи го уште еднаш вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за недолично однесување.

Стојановска повикувајќи се на член 219 од Деловникот за работа на Собранието побара оставка од Владата, а во тоа ја поддржаа и нејзини колеги од пратеничката група стоејќи зад неа на говорницата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа што го направил Маричиќ не е напад кон неа како Дафина Стојановска, туку се случи нецивилизиран гест врз пратеник од ова Собврание.

-Овде сите треба да реагираме, се додека се двоиме по ваков или по онаков основ, се вака ќе ни се случува, рече таа.

Ова, според неа, е чин на понижување на Парламентот, на демократијата во оваа држава, и чин на којшто треба сите да реагираат, вклучувајќи ги оние кои работат во Собранието.

Однесувањето на Маричиќ го нарече кукавичко и подмолно, нагласувајќи дека и било посочено дека „немало камери коишто го уловиле неговото однесување“.

-Ова е чин на морал и европска вредност. Затоа бараме оставка, рече Стојановска повикувајќи го Маричиќ на оставка.

Потпретседателот на Собранието Мисовски и рече на Стојановска дека нема да дозволи преку неговиот грб пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се пресметуваат кој е за Мицкоски, кој е за Никола Груевски и дека е очигледно дека пратениците од опозициската партија не сакаат седница за пратенички прашања.  Потоа ја прекина седницата, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласно реагираа на неговата забелешка. (МИА)