Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Почина Кирил Дојчиновски, едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал!

Во 79 година од животот почина еден од најславните фудбалери во истројата на македонскиот фудбал, легендарниот фудбалер и тренер Кирил Дојчиновски.

Кирил Дојчиновски, роден на 17. октомври 1943 година во Скопје, ќе остане засекогаш запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој настапил на едно Светско првенство.

На Светскиот фудбалски шампионат во З. Германија во 1974, Дојчиновски беше дел од селекцијата на Југославија, со што стана првиот Македонец кој настапил на еден Мундијал.

Дојчиновски првите фудбалски чекори ги прави во Вардар, за кого одигра 218 натпревари од 1962 до 1967 година. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда (1967 – 1974) достигнувајќи го врвот на својата слава. Од Црвена Звезда, Дојчиновски се сели во странство во една од најсилните лиги во светот, во француските Тројс и ФЦ Париз.

Во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ. Четирикратен шампион на Југославија со Црвена Звезда, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.

По завршувањето на играчката кариера стартува со тренерска кариера. Како тренер е двократен шампион на Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор,а потоа е тренер и во Македонија во екипите на Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип.Рабоити како тренер и во Грција во тимот на Ираклис.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.