Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Почина Весна Крстева новинар во националното радио Канал 77

Од: А1он

Почина Весна Крстева, главен уредник на Канал 77. Нејзините колеги од националното радио Канал 77 напишаа дека Весна имаше само 57 години и 28 години плодна радиска кариера, која траеше се до петокот, 15 септември, кога, и самата не знаејќи, се одјави со своите последни вести на националното радио. На уредничкото место беше 13 години.

-Ова се голи факти за Весна, но секој кој ја познаваше лично, знаеше дека беше најпозитивниот човек, насмеана дури и во најтешките моменти. И ова не е фраза. Избираше да го гледа доброто кај луѓето, така и живееше. Свртена кон своите професионални обврски и желбата за што подобра иднина на семејството, кон своите две деца, кои пораснаа во прекрасни личности, пишуваат колегите од Канал 77.

„Новинарството е професија во која Весна целосно ја предаде својата личност и преку проектот кој и ја даде целата новинарска слава со циклусот емисии „Судбо, моја судбино“. Преку оваа емисија откри многу мали-големи луѓе, зборуваше за животот и нивната судбина, животниот пат. Беше вљубеник во литературата, извонредно ги паметеше настаните и луѓето и често се шегуваше дека во пензионерските денови ќе се посвети на славните жители на штипско Ново Село, каде живееше. Весна Крстева беше дел од штипскиот и македонскиот новинарски еснаф. Колегите ќе ја паметат по позитивната енергија, професионалноста да се постави вистинското новинарско прашање, но и да помогне на младите колеги“, велат нејзините колеги од Канал 77.

Погребот е утре 27 септември, во капелата од 12 до 13 часот на Градските гробишта, по што ќе се одржи комеморација во радиото Канал 77 во Штип.