Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Русија ја повика МААЕ во Запорожје и го обвини Гутереш дека ја спречил посетата

„Во најтесна интеракција со Агенцијата успеавме да ги елиминираме сите тешки прашања поврзани со организацијата и одржувањето на еден ваков сложен настан во сегашни услови. Но, во последен момент, Секторот за безбедност при Секретаријатот на ОН вклучи црвено светло. Патувањето е откажано. Властите во Киев го искористија ова за да ги засилат своите провокации и гранатирање на нуклеарната централа“, се вели во соопштението на руското Министерство.

Москва додава дека се надеваат дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја разбира својата одговорност и нема да се меша во мисијата на МААЕ преку секторот на Секретаријатот што одговора пред него.

„Од наша страна, ние сме подготвени да обезбедиме максимална можна помош во решавањето на сите организациски прашања“, се наведува од руското Министерство.

Минатата недела, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси повика на итен прекин на воените операции во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, предупредувајќи на „многу реален ризик од нуклеарна катастрофа“.

Прорускиот гувернер на Запорожје Евгениј Балицки изјави дека нуклеарната централа моментално работи нормално и најави дека околу централата ќе бидат распоредени системи за противвоздушна одбрана.

Киев и Москва разменуваат обвинувања за гранатирање на областа околу нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа.