Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

САД и ЕУ до Србија: Објаснете што потпишавте со Русија во Њујорк, ова не е време за врски со Кремљ

Шефовите на дипломатијата на Русија и Србија, Сергеј Лавров и Никола Селаковиќ, во петокот, на маргините на 77. сесија на Генералното собрание на ОН, потпишаа План за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји во следните две години, објави српското Министерство за надворешни работи на Твитер, заедно со видео од потпишувањето и размената на тој документ.

FM #Selakovic and FM #Lavrov of @mfa_russia
signed in New York, at #UNGA77 margins, the Plan of Consultations Between the MFA of Serbia and the MFA of Russia for 2023-2024. pic.twitter.com/340ou62Bdu

— MFA Serbia 🇷🇸 (@MFASerbia) September 23, 2022

„Ова не е време за зајакнување на врските со Русија“

Судејќи според таа снимка, Планот за консултации бил потпишан во просториите на руската мисија во ОН.

„Ова не е време за јакнење на врските со Русија“, нагласи денеска шефот на Делегацијата на Европската Унија во Белград, Емануеле Жиофре, оценувајќи дека потпишувањето на тој документ испратило сосема спротивна порака од онаа што ЕУ ја очекува, „без оглед на фактот дека (Србија) рече дека нема да ги признае резултатите од референдумите организирани од Русија“ во четири украински региони.

„Не смееме да заборавиме дека Русија веќе седум месеци спроведува агресија против Украина и ја интензивира таа кампања со мобилизирање 300.000 луѓе и организирање нелегални референдуми за отцепување на делови од Украина, како и закана дека ќе употреби оружје за масовно уништување“, изјави Жиофре за новинарите по регионалниот форум за справување со корупцијата во Белград, на кој учествуваше заедно со американскиот амбасадор Кристофер Хил.

Тој рече дека „секако се смета“ дека Србија ќе ѝ биде сигурен партнер на Европската Унија во промоцијата на нејзините фундаментални вредности и заедничката безбедносна политика.

„Во овој момент никој не треба да потпишува ништо со Русија“

Нагласувајќи ја важноста на фактот дека Србија сака да стане членка на Унијата, Жиофре посочи дека на тој пат мора постепено да се усогласува со сите стандарди и вредности на Европската Унија, вклучително и надворешната политика и воведувањето санкции против Русија.

Американскиот амбасадор Кристофер Хил истакна дека Соединетите Американски Држави бараат објаснување од Србија за тоа што е потпишано со Русија. „Во овој момент, никој не треба да потпишува ништо со Русија“, рече Хил, истакнувајќи дека генерално „малку луѓе и потпишуваат нешто“ со Москва. „Освен оние кутри регрути што ги мобилизираат за заминување во војна“, рече американскиот амбасадор.

Хил потсети дека минатата недела во Њујорк се воделе „одлични разговори“ меѓу делегациите на САД и на Србија и дека на крајот на неделата дознале за потпишувањето на руско-српскиот дипломатски протокол, но дека тоа не е јавен документ. „Тешко ни е да разбереме, но сакаме да слушнеме објаснување за тоа што се случува“, им рече Хил на новинарите.