Macedonia

Што ако сите вируси исчезнат?

Кога би исчезнале сите вируси, светот би бил многу поинаков - но не мора да значи и подобар. Но што точно би се случило?

Се чини дека вирусите постојат само за да пустошат по светот и да му носат страдања на човештвото. Тие досега однесоа безброј животи низ милениумите, честопати покосувајќи големи делови од светското население - од епидемијата на грип од 1918 година, во која починаа 50 до 100 милиони луѓе, до проценетите 200 милиони што починаа од сипаници само во 20 век. Сегашната пандемија на ковид-19 е само една во низата бескрајни смртоносни вирусни напади.

Ако ни се даде можност волшебно да замавнеме со стапче и да предизвикаме исчезнување на сите вируси, повеќето луѓе веројатно спремно би скокнале на таа шанса, особено сега. Сепак, ова би било смртоносна грешка - всушност, посмртоносна отколку што може да биде кој било вирус, вели Би-би-си саенс.

„Ако одеднаш исчезнат сите вируси, ден и пол светот ќе биде прекрасно место, а потоа сите ќе умреме - тоа е поентата“, вели Тони Голдберг, епидемиолог од Универзитетот Висконсин-Медисон. „Сите неопходни функции што тие ги вршат во светот ги надминуваат лошите работи“.

Огромното мнозинство вируси не се патогени за луѓето, а многумина играат интегрални улоги во поттикнувањето на екосистемите. Други го одржуваат здравјето на индивидуалните организми - сè, од габите и растенијата до инсектите и луѓето. „Живееме во баланс, во совршена рамнотежа“, а вирусите се дел од неа, вели Сузана Лопез Чаретон, виролог во Националниот автономен универзитет во Мексико. „Мислам дека ќе нè снема без вирусите“.

Повеќето луѓе не се свесни за улогата што вирусите ја играат во поддршката на голем дел од животот на Земјата, затоа што имаме тенденција да се фокусираме само на оние што му предизвикуваат проблеми на човештвото. Скоро сите виролози ги проучуваат само патогените; баш неодамна неколку истражувачи-авантуристи почнаа да ги испитуваат вирусите што нè одржуваат нас и планетата во живот, наместо да нè убиваат.

„Тоа е мала школа на научници што се обидуваат да дадат праведен и избалансиран поглед на светот кон вирусите и да покажат дека има и такво нешто како добри вируси“, вели Голдберг.

Она што научниците со сигурност го знаат е дека без вирусите, животот и планетата вакви какви што ги знаеме ќе престанат да постојат. И, дури и да сакаме, веројатно ќе биде невозможно да се уништи секој вирус на Земјата. Но замислувајќи како би изгледал светот без вируси, можеме подобро да сфатиме не само колку се тие клучни за нашиот опстанок, туку и колку треба да научиме за нив.

За почеток, истражувачите не знаат дури ни колку вируси постојат. Илјадници се официјално класифицирани, но можеби има милиони. „Имаме откриено само мал дел затоа што луѓето не ги бараат многу“, вели Мерилин Русинк, екологист за вируси на Универзитетот Пен. „Тоа е субјективно - науката отсекогаш се интересирала само за патогените микроорганизми“.

Научниците не знаат ни колкав процент од сите вируси се проблематични за луѓето. „Ако гледате нумерички, статистички би било близу до нулата“, вели Куртис Сатл, еколошки виролог на Универзитетот во Британска Колумбија. „Речиси ниеден вирус не е патоген за работите што нам ни се драги“.

Клучот за екосистемите

Она што го знаеме е дека фагите, или вирусите што ги заразуваат бактериите, се многу важни. Нивното име потекнува од грчкиот збор фагин, што значи „проголтува“ - и тие баш голтаат. „Тие се најголемите предатори на бактерискиот свет“, вели Голдберг. „Без нив би имале длабоки проблеми“.

Фагите се примарниот регулатор на бактериското население во океанот и веројатно во секој друг екосистем на планетата. Ако вирусите ненадејно исчезнат, веројатно некои бактериски популации ќе експлодираат; другите може да бидат совладани и целосно да престанат да растат.

Ова би било особено проблематично во океаните, каде што повеќе од 90% од целиот жив материјал, по тежина, е микробен. Овие микроби произведуваат околу половина од кислородот на планетата - процес овозможен од вирусите.

Овие вируси секој ден убиваат по околу 20% од сите океански микроби и околу 50% од сите океански бактерии. Со десеткувањето на микробите, вирусите обезбедуваат планктонот што создава кислород да има доволно хранливи материи за високи стапки на фотосинтеза, што на крај го одржува најголемиот дел од животот на Земјата. „Ако немаме смрт, тогаш немаме живот, затоа што животот е целосно зависен од рециклирањето на материјалите“, вели Сатл. „Вирусите се толку важни во однос на рециклирањето.“

Истражувачите што ги проучуваат паразитските инсекти откриле и дека вирусите се клучни за контролата на популацијата на видовите. Ако одреден вид стане прекуброен, „ќе ви се појави вирус и ќе ги избрише“, вели Русинк. „Тоа е многу природен дел од екосистемите“. Овој процес, наречен „убиј го победникот“, е вообичаен и кај многу други видови, вклучувајќи го и нашиот - како што потврдува и пандемијава. „Кога популацијата станува многу изобилна, вирусите имаат тенденција многу брзо да се реплицираат и да ја намалат популацијата, создавајќи простор за сè друго да живее“, вели Сатл. Ако вирусите одеднаш исчезнат, веројатно конкурентните видови ќе цветаат, на штета на другите.

„Брзо би изгубиле голем дел од биолошката разновидност на планетата“, вели Сатл. „Ќе опстојат неколку вида и ќе истераат сè друго“.

Опстанокот на некои организми, или нивната предност во конкурентниот свет, исто така зависат од вирусите. Научниците сметаат, на пример, дека вирусите играат важна улога во помагањето на кравите и другите преживари да ја претвораат целулозата од тревата во шеќери што можат да се метаболизираат и на крај да се претворат во телесна маса и млеко.

Истражувачите сметаат и дека вирусите се составен дел од одржувањето на здравите микробиоми во телата на луѓето и другите суштества. „Овие работи не се добро проучени, но наоѓаме сè повеќе примери на оваа блиска интеракција со вирусите како клучен дел од екосистемите, без разлика дали тоа е нашиот човечки екосистем или околината“, вели Сатл.

Русинк и нејзините колеги откриле конкретни докази што го поткрепуваат ова. Во една студија, тие испитувале габа што населила конкретен вид трева во Националниот парк Јелоустон. Откриле дека еден вирус што ја инфицира таа габа овозможува тревата да развие толеранција кон геотермалните температури на почвата. „Кога ги има сите три - вирусот, габата и растението - тогаш растенијата можат да растат во навистина топла почва“, вели Русинк. „Габата сама не го прави тоа“.

Ги штитат луѓето

Инфекцијата со одредени бенигни вируси дури може да помогне да се избегнат некои патогени микроорганизми кај луѓето.

ГБ вирус Ц, вообичаен човечки вирус што се пренесува во крвта, кој е непатоген далечен роднина на вирусот западнонилска треска и денга, се поврзува со бавната прогресија на сидата кај ХИВ-позитивните луѓе. Научниците исто така откриле дека ГБ вирус Ц придонесува луѓето заразени со ебола да имаат помала веројатност да умрат.

Исто така, херпесот ги прави глувците помалку подложни на одредени бактериски инфекции, вклучувајќи ги и бубонската чума и листеријата (вообичаен вид труење со храна). Авторите на студијата веруваат дека нивните наоди кај глодачите веројатно се однесуваат и на луѓето.

Без вирусите, ние и многу други видови може да бидеме повеќе склони да им подлегнуваме на други болести.

Вирусите се и некои од најперспективните терапевтски агенси за лекување одредени болести. Фаготерапијата, предмет на големо истражување во Советскиот Сојуз уште во 20-тите години на минатиот век, користи вируси за да ги напаѓа бактериските инфекции. Сега на тоа поле му се посветува сè поголемо внимание - не само поради зголемената отпорност кон антибиотиците, туку и поради можноста да се приспособат третмани за конкретни видови бактерии, наместо неселективно да се бришат сите наши бактерии, како што прават антибиотиците.

„Голем број животи се спасени со употреба на вируси кога антибиотиците ќе кикснат“, вели Сатл. Онколитичките вируси, или оние што селективно ги инфицираат и ги уништуваат клетките на ракот, исто така, сè повеќе се истражуваат како помалку токсичен и поефикасен третман за рак. Без разлика дали се напаѓаат штетни бактерии или клетки на рак, терапевтските вируси делуваат „како мали микроскопски водени ракети што влегуваат и ги разнесуваат клетките што не ги сакаме“, вели Голдберг. „Вирусите ни требаат за истражувања и развој на технологија што ќе нè одведат до следната генерација терапевтици.“

Бидејќи постојано се реплицираат и мутираат, вирусите имаат и огромно складиште на генетска иновација што можат да ја вградат другите организми. Вирусите се реплицираат со влегување во клетките на домаќинот и киднапирање на нивните алатки за размножување. Ако тоа се случи во една герминална клетка (јајца и сперма), вирусниот код може да се пренесе на следната генерација и да стане трајно интегриран. „Сите организми што може да бидат заразени со вируси имаат можност да ги цицаат вирусните гени и да ги искористат во своја полза“, вели Голдберг. „Вметнувањето нова ДНК во геномите е главен начин на еволуција“. Исчезнувањето на вирусите, со други зборови, би влијаело на еволутивниот потенцијал на целиот живот на планетата - вклучително и на хомо сапиенсот.

Вирусните елементи зафаќаат околу 8% од човечкиот геном, а генерално геномите кај цицачите се зачинети со околу 100.000 остатоци од гени што потекнуваат од вируси. Вирусниот код често се манифестира како инертни парчиња ДНК, но понекогаш пренесува и нови и корисни - дури и клучни функции. Во 2018 година, на пример, два истражувачки тима независно дојдоа до фасцинантно откритие. Еден ген со вирусно потекло кодира протеин што игра клучна улога во формирањето долгорочна меморија со придвижување информации помеѓу клетките во нервниот систем.

Сепак, највпечатливиот пример се однесува на еволуцијата на плацентата на цицачите и тајмингот на генската експресија во човечката бременост. Доказите велат дека нашата способност да раѓаме живи бебиња му ја должиме на парче генетски код што бил усвоен од античките ретровируси што ги заразувале нашите предци пред повеќе од 130 милиони години. Како што напишаа авторите на тоа откритие во 2018 година во ПЛОС Биологија: „Голем предизвик е да шпекулираме дека човечката бременост би била многу поинаква - можеби дури и не би постоела - ако не беа еоните ретровирусни пандемии што ги погодувале нашите еволутивни предци“.

Експертите веруваат дека ваквите траги се појавуваат низ сите форми на повеќеклеточниот живот. „Веројатно постојат многу функции што остануваат непознати“, вели Сатл.

Научниците само што почнаа да ги откриваат начините на кои вирусите помагаат во одржувањето на животот, и тоа затоа што само што почнаа да ги бараат. Сепак, на крајот на краиштата, колку повеќе дознаваме за сите вируси, не само за патогените, толку поопремени ќе бидеме да искористиме одредени вируси за добри дела и да развиеме одбрана против другите што би можеле да доведат до следната пандемија.

Освен тоа, дознавањето повеќе за богатството на вирусната разновидност ќе ни помогне подлабоко да сфатиме како функционираат нашата планета, екосистемите и самите тела. Како што вели Сатл, „Треба да се потрудиме да откриеме што има таму, за наше сопствено добро“.

Football news:

Lizard on the criticism of VAR: In Real life, they don't pay attention to conversations outside the team
Real need to score 5 points in 3 rounds to win La Liga
Gasperini about the 1/4 final of the Champions League: the Match with Juventus is an imitation of the games with PSG
Courtois played 18 dry games in the La Liga season. Real's record is one game away
Real Madrid won the 8th victory in a row and does not miss 5 matches
There was hardly any contact, and even outside the penalty area. Ex-member of Barca's Board of Directors about real's penalty
Benzema – the first La Liga player to score and assist in all months