Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

СПЦ изрази сочувство до албанските и српските семејства

Српската православна црква (СПЦ) изрази „најдлабоко сочувство“ до семејствата на Србите и Албанците убиени во нападот врз косовската полиција на северот на земјата.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Групата која ја нападна полицијата подоцна се засолни во манастирот Бањска од каде продолжи со нападите врз полицијата.

Во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив биле уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште двајца. Тие се товарат за тероризам, дејствување против уставниот поредок и безбедноста на Косово.

„Со жалење констатираме дека многумина од Приштина и светот, но што е многу потрагично, и од Белград, од различни идеолошки полови, без да изберат средства, се обидуваат да ја прикажат СПЦ како учесник, дури и како виновник за конфликтите и трагичните настани“, напиша СПЦ во соопштение објавено на 27 септември.

Во соопштението се вели дека СПЦ секогаш се залагала недоразбирањата во Косово „да се решаваат по мирен пат и преку дијалог, со цел мирен соживот на Србите, Албанците и сите други народи кои живеат во областа“.

Косовската полиција на 26 септември попладнето заврши со претреси во куќи и згради во и околу звечанското село Бањска.

Косовските власти ја обвинија Србија дека е одговорна за нападот врз полицијата.

На 26 септември, косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави видео во кое тврди дека на него се гледа дека потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, бил меѓу униформираните вооружени лица кои се судриле со косовската полиција во манастирот Бањска.

Радоичиќ е потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград. Тој е и на црната листа на САД поради корупција и меѓународен криминал, додека косовските власти го поврзуваат со убиството на Оливер Ивановиќ, српски опозициски политичар во Косово.

По него во Косово е распишана потерница за „заплашување сведоци“ во случајот „Брезовица“ кој се однесува на корупција и нелегално градење.

Косовскиот министер за полиција рече дека секојдневно се утврдува оти српскиот претседател Александар Вучиќ преку Српската листа и потпретседателот на оваа партија Милан Радоичиќ „презеле терористичка акција против правниот и уставниот поредок на Република Косово“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Албин Курти.

Вучиќ негираше дека Белград има некаква врска со нападот.