Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Тренчевска: Ги решаваме проблемите на младите со вработувањето

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска присуствуваше на младинската конференција „Младите во ‘Отворен Балкан’ – шанси и перспективи за сигурен напредок во регионот“.

Тренчевска во своето обраќање ги истакна заложбите на Министерството што ги вклучува младинските политики што овозможуваат полесно вклучување на младите на пазарот на трудот.

„Како Влада и како Министерство за труд и социјална политика насочени сме кон системски пристап во решавање на предизвиците со кои се соочуваат младите во Република Северна Македонија во делот на вработувањето и во делот на стекнувањето вештини, кои ќе ги направат поконкурентни на пазарот на труд, како и полесно да се вработуваат“, рече Тренчевска.

Таа се осврна на политиките што ги креира Министерството за труд и социјална политика, како што се: националната стратегија за вработување 2021-2027 година, оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, воведувањето на гаранцијата за млади, Законот за практикантството, Законот за младинскиот додаток, Законот за младинското учество и младинските политики, кои даваат поддршка за вработување на младите.

„Гаранцијата за млади како дел од европските носечки иницијативи има цел да им обезбеди на младите од 15 до 29 години во период од 4 месеци од денот на евиденција во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Република Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан што ја воведе и примени гаранцијата за млади, а не е членка на Европската Унија“, изјави Тренчевска.