Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

ВИДЕО: Маричиќ бара Тупанчески да го оправда со кого ги јадел бифтеците платени од државна сметка

Вицепремиерот Бојан Маричиќ пред повеќе од еден месец најави извештаи со кои ќе докаже дека не јадел сам бифтеци, калифорниски пастрмки, но и пици за над 17.000 денари во еден ден на државна сметка, но се предомисли. Тој сега бара Министерството за правда со кое раководи министерот Никола Тупанчески да му ги оправда трошењата за кои јавноста никогаш не ги виде задолжителните извештаи кои треба да покажат дали навистина имало работни средби и со кого кога се плаќало со државни пари.

dobivaj vesti na viber

„Во однос на документите, побарајте ги од Министерството за правда, не можам да ви кажам ништо, таму ќе се обратите. И ве упатувам да се обратите“, рече Маричиќ кој пред повеќе од месец ветуваше дека секој трошок платен од народни пари ќе го оправда, но тоа не го стори.

Додека јавноста остро реагираше на јадењето бифтеци и пиењето висококвалитетни вина кои Маричиќ ги плаќал преку министерската сметка, и неговиот ПР сектор најавуваше извештаи. На 13 јули, портпаролката на вицепремиерот до „А1он“ испрати порака во која стои: „Ќе ви пратам извештаи со детали околу трошењата кои ЗПВ ги најави“.

Сега од ставот на Маричиќ остана само уверувањето без докази дека не се гоштевал сам.

„За секоја сметка има извештаи, за тоа сум сигурен“, вели денеска Маричиќ, а кога беше прашан дали ќе ги даде, одговори: „Ако имател на податоците е Министерството за правда, ќе искомуницираме со нив, обратете се таму, ве молам, благодарам“

Освен трошењата додека беше на министерската функција, Маричиќ сега не ги дава ниту сметките на кои се гледа што се јадело и пиело, а е плаќано од Секретаријатот за европски прашања. И по истекот на законскиот рок за одговор, до „А1он“ не беа испратени фактурите за гозбите. Маричиќ вели дека тоа е последица на административна грешка.

„Не бев во тек дека сте доставиле барање до сега, меѓутоа, сигурен сум дека не е одговорено поради некоја административна грешка, ве уверувам дека уште денеска по оваа прес-конференција, ќе се заинтересирам и ќе се заложам да добиете информации за се што сте побарале“, одговори Маричиќ.

„А1он“ објави дека немало месец во кој Бојан Маричиќ како министер за правда не бил во ресторан на државна сметка. Од бифтеци и печења до свежи риби и јунешки мускули се плаќале со неговиот министерски потпис. На сметките исто така има и жолти ракии и висококвалитетни вина. Плаќал со службената картичка, но и на фактури што угостителските објекти ги доставувале до Министерството за правда.

За Маричиќ ова не претставува проблем. Тој кажа дека ваквото постапување од негова страна е нормално. Најави дека ќе ги оправда сите трошења, но тоа не го стори. Обвинуваше за манипулации, се правдаше дека сумата не е голема, па си пресмета дека јадел 365 дена во годината, за да дојде до сума од 857.5 денари дневно. По ова, никогаш не ја достави најавената документација.