Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Во Париз по временската прогноза ќе биде даван извештај за потрошувачката на струја

Францускиот план вклучува мерки воведени и од други земји, како што се заштеда на јавното осветлување, греење на пониски температури и намалена потрошувачка на топла вода во државните институции. Меѓутоа, Париз воведе и една новина за да ги убеди граѓаните да ја намалат потрошувачката - прогноза за снабдувањето со електрична енергија.

Секој ден, по временската прогноза и меѓу телевизиските емисии, граѓаните треба да добиваат информации за оптоварувањето на електричната мрежа, придружени со зелени, жолти и црвени симболи, кои ќе покажат колку струја има на располагање, објави весникот Ле Паризиен.

Зелениот симбол ќе покажува дека потрошувачката на електрична енергија е во рамнотежа, а жолтиот симбол ќе го означува притисокот врз напојувањето.

Црвените, пак, ќе предупредуваат на можен прекин во снабдувањето и ќе им порачаат на граѓаните да ја намалат потрошувачката во периодот од 8 до 12 часот и од 18 до 20 часот, а машината за перење и рерната, на пример, да ги користат во други периоди од денот.

Мерките за штедење не вклучуваат и гасење на телевизорите, а Владата се надева дека прогнозите ќе допрат до 80 отсто од граѓаните.

Јавноста беше запрепастена од евентуалната директна интервенција во потрошувачката на топла вода. Францускиот електрооператор РТЕ има опција за далечинско исклучување на топлата вода помеѓу 12 и 14 часот, што може да влијае на околу 4,3 милиони домаќинства. Потрошувачката на топла вода ќе биде ограничена со вмрежено броило за електрична енергија „Линки“.

Париз се подготвува за недостиг од струја бидејќи повеќе од половина од неговите 56 нуклеарни централи се затворени заради одржување. Франција произведува значителен дел од својата електрична енергија во нуклеарните централи. Засега не се знае дали електраните повторно ќе проработат до зимава, како што бара владата.

Прашањето за нуклеарната енергија доаѓа во незгодно време, со оглед на намалената достапност на природниот гас поради западните санкции наметнати на Русија по нејзината инвазија на Украина.

Поради енергетската криза, Франција веќе ја рестартираше термоцентралата на јаглен во Сен Аволд, забележува дпа.