Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Во прилепската касарна почнаа одбележувањата за Карпалак, „бевме предадени и наместени“

Пред спомен обележјето се поклонија и положија цвеќиња претставници на семејствата на загинатите, на Армијата, претставник од кабинетот на Претседателот, од локалната самоуправа, здруженија, граѓани и поединци.

Оддавајќи им почит на загинатите бранители командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник Славчо Кузманоски рече дека спомените и тагата остануваати по 21 година, како вчера да било.

„Измешани чувства на гордост и тага за Нане, Сашо, Веби, за Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и за Марко, припадници на резервниот армиски состав. Ненадомстлива загуба, тага и болка за семејствата, вечни спомени за нас. Останува обврската наша и на идните поколенија и генерации да го чуваме споменот за нив, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година и да не дозволиме никогаш да се повтори“, рече командантот на гарнизонот, Кузманоски.

Преживеаниот возач на автобусот Ацо Јованоски секоја година се сеќава и го посетува местото Карпалак на патот Скопје – Тетово. Најголема болка му е што нема спомен обележје.

„Јас 20 години одам на Карпалак и 20 години е истата тема – секогаш барав барем едно обично камче да постават. Да има каде да се положи цвеќето. Но, го положуваме на банкината. првото возило што ќе помине по нас, го оддувува, како да не било“, вели Јованоски кој веќе е со нарушено здравје.

Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“ е разочаран и стојат на ставот дека биле предадени и „наместени“.  Вели дека многу се ветуваше, но не е направено.

„По 21 година веќе сме целосно заборавени. Единствено се потсетуваме на настаните на овие датуми. Бранителите од 2001-та како речиси да не постојат“, рече Петрески.

Почит се оддава и пред споменикот во селото Леништа, а ќе се одржи и вечерна богослужба во манастирот „Света Петка“.

На споменикот на загинатите бранители во касарната во Прилеп  цвеќе положи и претставникот на Владата Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата. Советникот Василевски во име на Владата, во чест на споменот на армиските резервисти Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, вечерва положи цвеќе и на спомен обележјето во село Лениште и присуствуваше на вечерната богослужба во манастирот „Св. Петка“.

Чествувањето во спомен на загинатите бранители продолжува утре, на 8 август, со посета и оддавање почит на споменикот во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, како и во Прилеп, со положување цвеќе на нивните вечни почивалишта, со панихида во црквата „Света Петка“ и пред комплексот „Карпалак“.

Во 13 часот е централното одбележување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.