Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Завршува фестивалот на кинематогаферите од светот „Браќа Манаки“

Со проекција на македонскиот игран филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, проект во кој кинематографер е Душан Кардалевски, вечер во Битола завршува 44 издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Според востановената традиција, пред доделување на фестивалските награди за најдобрите кинематографери за кои одлучуваат неколку жири комисии, на сцената во НУ Центар за култура во Битола ќе биде доделена наградата специјална златна „Камера 300“ за посебен придонес во филмската уметност која годинава му припадна на Шејмус Мекгарви.

Лауратот Мекгарви првите филмови ги снимил по дипломирањето во 1988 година, а во 2004 година е награден со медал Лимиер за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува Кралското фотографско друштво.

Мекгарви кој во Битола одржа мастер клас, двапати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија-кинематографија во филмот „Покајание“ и за филмот „Ана Каренина“. Во својата кариера, Мекгарви е потписник на педесеттина филмови, меѓу кои „Педесет нијанси на сивото“, „Годзила“, „Величествениот шоумен“…, а неговиот најнов филм „Вонка“, каде исто така е кинематографер, премиерно ќе биде прикажан оваа година, во декември.

Медиумски покровител на ИФФК „Браќа Манаки“ годинава е Медиумската информативна агенција.