Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Зендели: „Огнените“ се внатрешна работа на ДУИ, но владејачкото мнозиство е загубено

Извесно е дека се анализира дали да се тестира владејачкото мнозинство во парламентот, од аспект на изјавите на „огнената група“ дека од лидерот на ДУИ бараат разрешување на Артан Груби.

Можно е Беса да го чека исходот од за денесака најавената средба на некогашниот вицепремиер и висок функционер Муса Џафери со Али Ахмети, на која се очекува присуство на уште неколкумина „огнени“. Потоа, би се донела евентуална одлука за интерпелација која би претставувала не само тест дали владејачкото мнозинство во моментов е навистина стабилно, туку и тест за единството во ДУИ, односно дали двајцата „огнени“ пратеници ќе одат спротивно на волјата на Ахмети кај кого Груби цела деценија ужива полна доверба.

„Огнените“ во моментов би требало да бројат и еден пратеник повеќе, односно со приклучувањето кон нив на поранешниот пратеник на Беса Кастриот Реџепи, за кого Изет Меџити објави дека се приклучил на пратеничката група на ДУИ. Ако кон потенцијалните гласачи контра Груби се приклучи и Скендер Реџепи, кој ја напушти сега владејачката Алтернатива, тогаш мнозинството од 64 пратеници се тенчи на само 60 пратеници. 

Пратеникот на Беса Зендели вели дека смета оти владејачките партии немаат мнозинство во парламентот..

„немаат мнозинство. Мислам дека власта на некој начин ја префрла вината на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии. ДУИ нѐ меша и нас, но во суштина проблемот е во самото мнозинство кое во Собранието нема капацитет и нема бројки односно мнозинство да ги реализира своите политики“, рече Зендели.

Во изјавата за МИА тој оценува дека пратениците кои се потписници на барањата на „огнената група" не се изјасниле дека ќе настапуваат самостојно или дека се против политиките на ДУИ.

Инаку, денешната средба во Мала Речица со лидерот на ДУИ Ахмети ќе биде второ соочување на дел од „огнените, откако во четвртокот, на 29 септември, Ахмети имаше состаноци со ограноците од Чаир и Сарај, а меѓу нив беа и Изет Меџити и Блерим Беџети. Тие оценија дека Ахмети е нивен пријател, но и додадоа дека не се задовопни од функционирањето на партијата во извршната власт. Ахмети рече дека ДУИ е национална гордост и дека дијалогот ќе продолжи, но дека не станува збор дека некој ќе формира нова партија.

Артан Груби потоа, во изјава за медиумите, рече дека одлуките ги носи Ахмети, а дека „огнените“ сите до еден биле построени зад лидерот.

П.Џ.