Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

ФБИ кај Трамп барал документи за нуклеарно оружје

Не е познато дали такви документи се пронајдени во Палм Бич, каде се наоѓа куќата на Доналд Трамп, пишува Вашингтон пост.

Министерството за правда побара од судијата да го објави налогот со кој се одобрува претресот во викендицата на Трамп за јавноста да може да дознае повеќе за тоа што точно барале истражителите во досега невидениот претрес на домот на еден поранешен претседател. Трамп настаните во Флорида во текот на оваа недела ги нарече политичка одмазда.

Доаѓањето на истражителите на Флорида е дел од истрагата со која се настојува да се утврди дали Трамп незаконски отстранил документи од Белата куќа кога ја напушти канцеларијата во јануари 2021 година.

Државниот адвокат Мерик Гарланд рече дека тој лично ја одобрил одлуката да се нареди претрес.

„Министерството не носи лесно такви одлуки. Секогаш кога е можно, практиката е да се користат помалку наметливи средства за истрага и да се стесни нејзиниот опсег“, рече тој.

Неговата потврда е невообичаена, имајќи предвид дека американското Министерство за правда вообичаено не разговара за тековните истраги. Меѓутоа, во овој случај Трамп објави дека e во тек претрес на неговиот дом.

Гарланд рече дека Министерството за правда побарало од судот да издаде запечатен налог за претрес, што би можело да ја расветли природата на истрагата.

Извор запознаен со истрагата рече дека агентите на ФБИ зеле десет кутии од домот на Трамп за време на претресот.

Сè уште не е познато дали адвокатите на Трамп формално ќе се спротивстават на објавувањето на налогот, а рокот за тоа истекува во петок.

„Моите адвокати и застапници целосно соработуваат и воспоставени се многу добри односи. Владата можеше да земе што сака, ако беше тоа кај нас“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Вистина (Truth).

Претресот во Палм Бич, Флорида е една од многуте истраги со кои се соочува поранешниот американски претседател уште од неговото време во Белата куќа. Против него се води посебна истрага и за неуспешниот обид на сојузниците на Трамп да го променат исходот од последните претседателски избори со поднесување лажни избирачки списоци.