Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Германски чувар уапсен зашто ги поздравил израелските спортисти со нацистичкиот поздрав

Шеснаесет израелски спортисти, учесници на Европското првенство во атлетика, синоќа биле во Олимпискиот парк во Минхен кога тоа се случило, се наведува во полициското соопштение, пренесе Франс прес.

Еден од четворицата присутни чувари бил забележан околу 19:20 часот како поздравува со националсоцијалистичкиот, забранет поздрав на Хитлер.

Полицијата веднаш го уапсила 19-годишникот од Берлин и му бил забранет понатамошен пристап на првенството.

Израелските спортисти, сепак, не го ни забележале гестот, соопшти полицијата.

Чуварот е уапсен во деликатно време кога Минхен е домаќин на Европското првенство во атлетика, пред 50-годишнината од масакрот на Олимпијадата во кој беа убиени 11 Израелци.

На 5 септември 1972 година, осум вооружени мажи се уфрлија во Олимпиското село и влегоа во станот на израелскиот тим, убија двајца спортисти и зедоа девет заложници, заканувајќи им се дека ќе ги убијат доколку Израел не ослободи 232 палестински затвореници.

Западногерманската полиција организираше спасувачка операција, која не успеа, и сите заложници загинаа.

Убиени беа и еден германски полицаец и пет члена на палестинската екстремистичка организација „Црн септември“, кои ги киднапираа спортистите.

Во меѓувреме, палестинскиот претседател Махмуд Абас дополнително ја зголеми тензијата кога за време на посетата на Берлин во вторникот не го осуди масакрот, туку злосторствата извршени врз Палестинците ги спореди со холокаустот.

На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, Абас беше прашан дали ќе се извини за масакрот.

Абас не одговори директно, туку ја спореди со ситуацијата на палестинските територии, обвинувајќи го Израел за „50 масакри, 50 холокаусти“ врз Палестинците од 1947 година.

Денеска тој ја повлече изјавата, која наиде на остри меѓународни критики и беше објавено дека Абас имал намера само да ги истакне израелските злосторства, пренесоа израелските медиуми.