Според Град Скопје, се работи за капитален инфраструктурен проект со кој ќе се продолжи булеварското решение на потегот од влезот во населбата Пинтија до Драчево, во должина од над два километри.
„На овој потег оваа сообраќајница ќе се реконструира и прошири и ќе прерасне во модерен булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки, модерно и енергетски-ефикасно јавно осветлување, како и дополнителна комунална инфраструктура“, соопшти Град Скопје и додава дека околу 70.000 граѓани од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места, ќе можат побезбедно и полесно да патуваат, но голема придобивка ќе има и за индустриската зона што е лоцирана во овој дел од градот.