Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Израелците имаат развиено чудовиште од шпионски софтвер

Улогата на големите компании за он-лајн реклами (Гугл, Фејсбук...) е што на напаѓачот му даваат платформа преку која може да стигне до речиси секој корисник на интернет и на истиот да му испорача реклама која во себе содржи напреден спајвер. Истата оваа реклама се користи за инфилтрирање на телефонот или компјутерот. Иако не се работи за нечуена опција, до сега уверувањето беше дека вакви капацитети главно имаат големите разузнавачки агенции.

Една од компаниите за кои пишува Хаарец е Инсанет, во сопственост на поранешни високи функционери на израелската одбрана, вклучително и поранешниот прв човек на Советот за национална безбедност, Дани Ардити.

Инсанет има софтвер, по име Шерлок, кој ги искористува он-лајн рекламите и за следење и за заразување. Тие добиле и дозвола министерството за одбрана за својата технологија глобално да ја продаваат. Според весникот ова е прв случај во светот кога ваков систем се продава како технологија, а не како услуга.

За сега не е познато дали постои одбрана од оваа технологија и дали таа воопшто може да биде блокирана. Тоа што Хаарец го открива е дека технологијата успешно ги заобиколува сите одбранбени системи што ги имаат поставено компании како Епл, Гугл и Микрософт.

Иако целата технологија зад масовните платформи за рекламирање е смислена да не може да биде злоупотребена за следење и идентификување поединци сепак Израелците успеваат и во тоа.

„На пример, со помош на технологија за рекламирање, можно е дигитално да се обележат сите мобилни телефони кои им припаѓаат на луѓето што минале низ одреден аеродром во одредено време. Истата оваа алатка на пример во време на ковид можеше да се користи за следење контакти и мониторирање на ланци на зараза.

Прво се собираат сите уникатни броеви за идентификување на секој уред до кој стигнала реклама. Тоа е бројот што ни го доделува платформата за рекламирање секој пат кога ќе ни пушти реклама, како би ја подобриле својата ефикасност (да не ни пушта исти реклами или реклами за кои не сме заинтересирани). Со собирањето на овие броеви се прави листа на сите лица (уреди) кои биле на аеродромот во одредено време.

Иако тие броеви не се врзани со име на корисникот, тој подоцна може да биде профилиран преку алатките за таргетирање на публиката,“ пишува Хаарец.

Друг пример е компанијата Ителос, основана од Ерик Банун, која на Шин Бет му нуди сервис за следење и мониторирање базиран на он-лајн реклами, кој користи податоци од големите мрежи за реклами. Истиот производ веќе се продава на бизнис клиенти и безбедносни сили низ светот.

„Овие технологии можат да бидат искористени и во безбедносни цели. Пример, рекламна кампања насочена кон публика на нуклеарни научници со иранско потекло на возраст од 35 до 65 години кои во изминатата година минале низ аеродромот во Техеран. Откако овие поединци се идентификувани и ги добиле првите реклами, тие можат и понатаму да бидат следени; технологијата прецизно ќе им каже каде и кога патувале,“ објаснуваат од весникот.

Во истрагата се покажало и дека компаниите од оваа индустрија генерално се поврзани со компании кои продаваат реклами на интернет или пак водат таква компанија.

Компаниите кои се занимаваат со упаѓање во телефони или компјутери, прво почнуваат со формирање адвертајзинг профил за публиката што сакаат да ја следат. Потоа се прави кампања конкретно за оваа публика и почнува со нејзино бомбардирање со рекламата што пак дозволува постојан географски надзор. Следно е во кампањата да се додаде спајвер. Со помош на платформата за рекламирање, „заразената“ реклама се појавува кај корисникот кој мета на операцијата, а кодот го заразува неговиот уред и му дава пристап на напаѓачот.

Израелски компании како НСО се и зад досега најозогласените спајвер програми, како Пегасус кој можеше да зарази нечиј Ајфон без корисникот ништо да не направи или кликне.

Користењето на Шерлок софтверот на Инсанет, според документи што ги објавува Хаарец, чини 6 милиони евра. Во описот на софтверот пишува дека тој може да упадне во Виндоус компјутери, Ајфон и Андроид уреди. Обично до сега спајвер софтверите беа фокусирани на еден тип на уред или оперативен систем.