Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Кил со многу мака ги однесе бодовите од Битола

Екипата на Еурофарм Пелистер забележа уште еден пораз во новата сезона во Лигата на шампионите. За разлика од претходните два натпревари во елитата, на овој, македонскиот шампион покажа ново лице, баш онакво какво што посакува домашната јавност, одигра далеку поорганизирано и поборбено, но сепак недоволно за изненадување против моќнот Кил, кој во Битола славеше со 20-23 (9-11). Така, пелистерци остануваат на дното на табелата во групата А, со три порази од исто толку натпревари. Претходно, битолскиот тим загуби од Колштад на свој терен и на гости од Алборг.

Тренерот Александар Јовиќ за овој дуел предност им даде на неколку домашни ракометари. Српскиот бек Стевановиќ и данскиот кружен напаѓач Нилсен останаа на трибини, исто како и Кизиќ, додека во составот се вратија Гедбане, Василев и Радивојевиќ, кои не играа во Данска. Шанса доби и младиот Павле Атанасијевиќ, пред Емилијан Ѓорговски.

Во пауза од 18 години европската ракометна елита се врати во Битола, а тоа донесе уште една незаборавна атмосфера во „Домот на ракометот“. Салата „Боро Чурлевски“ повторно беше полна, а „шлаг на тортата“ беше роденденското славје на „Чкембарите“ кои на овој дуел го прославија својот 38. роденден.

Пелистерци мотивирано го отворија натпреварот против големиот фаворит. Носени од пеколната атмосфера во салата тргнаа борбено во одбрана, а одличен на стартот беше и голманот Гедбан кој врза неколку интервенции. Но, и Кил навремено ги затвораше нападите на „зелено-белите“, па по првите десет минути на семафорот стоеше 3-3. Потоа следуваше мал пад во играта на домаќините и два врзани гола на Кил, за водство од 4-6. Сепак, момците на Јовиќ брзо се созедоа, Цехте на двапати најде дупка во гостинската одбрана за ново израмнување. Во финишот од првото полувреме Германците ги казнија грешките на пелистерци и на пауза заминаа со минимална предност од 9-11. Во првиот дел најдобри поединци кај Пелистер беа Цехте со три гола и Кисум и Радивојевиќ со по два.

Возбудливо и борбено беше и на стартот на вториот дел. Гедбан одново влезе во ритам, но одличен на голот беше и Беласен, и по осум минути игра во продолжението позитивата на Кил остана на два гола (12-14). Следуваше период на игра гол за гол, па нова ерупција во битолскиот вулкан, откако Пешевски со атрактивен гол погоди за израмнивање на 17-17. Сепак, кога беше најпотребно и кога се кршеше резулатот, германскиот тим покажа квалитет и смиреност и со 20-23 го впиша третиот триумф во новата сезона во ЛШ.

Десното крило Радивојевиќ со пет гола и Цехте со четири беа најпрецизни во таборот на Пелистер, додека за Кил се истакна Елефсен со пет погодоци.

Следен ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите е моќниот ПСЖ, натпревар кој се игра на 12 октомври во Париз. Ден порано Кил ќе го пречека Киелце.