Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

КЗБ не очекува сериозно ширење на мајмунските сипаници во државата

Мајмунските сипаници не треба да ги загрижуваат граѓаните, бидејќи не се шират лесно како што е случајот со КОВИД-19. Од Комисијата за заразни болести не очекуваат драматичен развој или сериозно ширење на мајмунските сипаници.

Досега во земјава беа пријавени два суспектни случаи, кичевец кој одбива да биде тестиран, и мигрант хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, кој е негативен на тестот.

Поради тоа што нема законска можност пациентот од Кичево да биде „присилен“ на тестирање, Комисијата за заразни болести по вчерашниот состанок соопшти дека ќе достави предлог до министерот за здравство да се предложи здравствен надзор на ова лице.

Ова, како што појасни портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ, ќе значи дека согласно тоа постапување ќе имаат разрешница, односно со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и Министерството за внатрешни работи тие ќе можат да го лоцираат лицето со цел да се тестира.

Претходно, Комисијата препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден. Оваа одлука е доставена до Министерството за здравство, со цел да се преземат сите неопходни превентивни мерки.