Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Ласовска: Главни виновници за ниските пензии и тешкиот живот на пензионерите се СДС и ДУИ

„За жал кај нас власта оди и игра на кратко паметење дека главен виновник за тажната сага на пензионерите е СДС заедно со ДУИ, тоа мора да го потсетиме, да го кажеме, да го потенцираме и да не заборавиме дека пред 7 години кога авангардата по Скопје и овде по сите градови, рушеа, палеа и сквернавеа со една максима „Живот за сите“ дојде моментот кога нема живот не за сите, туку нема живот за никој освен за неколку фамилии“, истакна пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на трибината Дебати за Македонија насловена „Време за промени во пензиската политика – нови политики до подобра иднина“.

Ласовска посочи дека пензионерите од оваа временска дистанца можат да направат разлика колку вредела пензијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ со методолошкиот услов, а колку вреди оваа пензија денес со двоцифрената инфлација и со голготата на иселување и стареењето на државата.

„Сакам да истакнам  дека само што дојдоа на власт го тргнаа вториот услов, трошоците за живот и на тој начин наместо да се покачат пензиите, тие почнаа да се намалуваат, на нашето предупредување, на нашите амандмани, на нашето неколку пати повторено поднесување на истото законско решение дека ова не води кон ништо, туку води кон намалување на пензиите, дури имавме и интервенција законска кога се носеше законот за минимална плата, кажавме да, во ред се разбира треба да има минимална плата но во споредба со пензионерите кои се наши родители, луѓе кои го граделе општеството практично приоѓаат дискриминаторски. Ако има минимална плата тогаш мора да има и минимална пензија“, рече Ласовска.

Таа потенцираше за тоа дека сите нивни заложби во Собранието на Република Македонија, дали тоа се законски проекти, амандмани во делот на носење на буџетски решенија, Буџетот како најстратешки документ во државата, сите до еден досега биле одбиени.

„Грабежот и душманското ништење на државата им е најважно. За овие 7 години направија јавен долг од 3 милијарди евра, еве кажете ми во што ги вложија? Во источна Македонија дали вложија во изградба на некој старечки дом? Се сели цела Македонија, младите буквално се прогонети, голем број од нив си одат затоа што не можат да живеат во системот, не заради економска сиромаштија. Кажете ми дали направија некој старечки дом, оставени се нашите родители, баби и дедовци сами да се грижат за своето здравје“, изјави Ласовска.

Ласовска посочи дека пензионерите не се партии, но во власта постои коалициона партија на власта која се нарекува партија на пензионерите и ги злоупотребува пензионерите.

„Да одговорам на господинот Кире, вака иронично звучеше дека пензионерите нели не се партии, точно е тоа, но господине Кире за жал во коалицијата на власт има една партија која се нарекува партија на пензионерите и тоа е колега наш кој злоупотребувајќи го вашиот статус изградил сопствена кариера и гласа за таквите законски решенија кој на вас животот ви го прават онаков каков што ви е. Ова е за потсетување на пензионерите дека во коалицијата на СДС има партија која се нарекува партија на пензионерите и таа во ваше име гласа за законски решенија кој ќе ги сервира власта“, децидна е Ласовска.

Таа додаде дека решението за достоинство на пензионерите е што побргу да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт каде ќе се донесат законски решенија со кои ќе се врати  достоинството на пензионерите.
„Решението е прво и пред се да ВМРО-ДПМНЕ како една партија која доаѓа од народот како една партија која докажала досега дека ги слуша сите групи во државата, вклучително и пензионерите што е можно побргу да дојде на власт, да донесеме законски решенија кои ќе претставуваат достоинство затоа што знам дека пензионерите во оваа трета доба се борат едноставно за достоинствен живот и тоа може да го остварите само исклучиво преку ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Ласовска.