Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Македонија на 67-то место на најновата листа на Индексот за владеење на правото

Македонија е рангирана на 67 место меѓу 142 држави на најновата глобална листа според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда, објавена денеска, со оценка од 0,53 поени, иста како и во претходните три години.

Според критериумот ограничување на моќта на властите, земјава е на 97 место со оценка 0,47, според отсуството на корупција на 75-то со индекс 0,45, според транспарентност на Владата на 70-то со оценка 0,50, а според основните права на 56-та позиција со оценка 0,60. Кога станува збор за критериумот ред и безбедност, Северна Македонија на 43-то место со оценка 0,80, според спроведување на регулативи на 94-та позиција со 0,46, според граѓанска правда на 75 место со индекс 0,52 и според кривична правда на 72-то со 0,44 поени.

Во однос на минатата година, иако има иста оценка, земјава е рангирана четири места подолу и сега е на ниво со Монголија, Казахстан, Индонезија и Молдавија.

Од земјите во Западниот Балкан, подобро од Северна Македонија на вкупната листа се рангирани Црна Гора и Косово на 57-то, односно 58-то место, со оценки 0,56, а послабо е Босна и Херцеговина, која е 75-та со индекс 0,51, Албанија и Србија на 91-то, односно на 93-то место со 0,48, како и Турција, која е на 117-то место со оценка 0,41.

Од 27-те членки на ЕУ, послабо рангирана од земјава единствено е Унгарија со оценка 0,51 на 73-то место, додека од останатите држави на Унијата од балканскиот регион највисоко на листата е Словенија со индекс 0,69 на 27 место, по што следуваат Романија со 0,63 на 40-то, Хрватска и Грција со по 0,61 на 45-то односно 47-то место и Бугарија со 0,56 на 59-то место.

Инаку, најголем раст во споредба со лани, меѓу членките на ЕУ имаат Бугарија и Словенија, а најголем пад бележат Грција и Белгија, која е 16-та со оценка 0,78.

На првите две места на листата се две членки на ЕУ – Финска и Данска со оценки 0,84, односно 0,83, по што следуваат Норвешка исто со индекс 0,83, Шведска и Австрија со по 0,79 и Германија со индекс 0,78. Седмопласиран е Сингапур со оценка 0,77, по што следуваат Јапонија (0,76), Естонија (0,75) и Холандија (0,74).

На самото дно како 142 е рангирана Венецуела со оценка 0,27 поени, а пред неа се Камбоџа со 0,31, Авганистан со 0,32, Хаити и ДР Конго со 0,34 и Никарагва, Египет, Мјанмар и Камерун сите со по 0,35 поени.