Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Нов протест за скандалот на онкологија, утре во 18 часот пред Владата

Утре во 18 часот пред Владата повторно ќе се одржи протест за скандалот на клиниката за онкологија.

„Ние бараме задоволување на социјалната правда, и тоа е возможно само ако се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!
Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство каде ќе побараме ОДГОВОРНОСТ за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од МЗ како што се претходните министри кои влијаеле за заташкување на случаевите.
Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме. Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата“, велат организаторите на социјалните мрежи.

Нивните барања се:
1. Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев
2. Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија
3. Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија
4. Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија
5. Обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово!
6. Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.

Собранието во петокот го утврди составот на анкетната комисија која ќе треба да ги истражува обвинувањата за случајот, а со неа ќе раководи пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи. За членови на Анкетната комисија утврдени се пратениците: Антонио Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Марија Георгиевска, Арбен Зибери, Бедри Фазли и Ремзи Мехмеди. Овој состав на Анкетната комисија дополнително ќе треба да помине на пленарна седница во вторник и потоа се очекува истата да започне со работа.

Од обвинителството велат дека се во фаза на прибирање на докази и од соседните земји бидејќи постои сомневање дека пациенти од Косово и други држави се лекувани со терапии добиени од Скопје. Тим обвинители на Јавното обвинителство во текот на неделата биле во Косовското обвинителство и одржале состанок во насока на обезбедување на докази поврзани со истрагата. Паралелно со тоа се испрашуваат пациенти и нивни роднини, медицински персонал и други лица кои можат да имаат информации за случајот.