Кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци, објавува Институтот за јавно здравје во најновиот извештај по повод 1 декември – Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Најмладите заразени се на возраст од 20 до 24 години, а најмногу (13 случаи) се помеѓу 35 и 39 години. Најмногу регистрирани со ХИВ/СИДА се во Скопје – 17 лица, четворица во Битола и по тројца во Прилеп, Штип, Велес и Струмица

Во текот на 2021 година до 30 ноември регистрирани се вкупно 42 нови лица со потврдена ХИВ/СИДА-инфекција, а четворица ја изгубиле битката со оваа сериозна болест. Како што покажува извештајот на Институтот за јавно здравје сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 37 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 5 лица се изјасниле како хетеросексуалци.
Извештајот на ИЈЗ е изготвен по повод 1 декември – Светски ден за борба против ХИВ/СИДА, кој годинава брои 40 години од прводијагностицираниот случај во светот.
-Најмладите заразени се на возраст од 20 до 24 години, а најмногу (13 случаи) се помеѓу 35 и 39 години. Две лица со ХИВ се во возрасната групата 50 до 54 години, а во возрасната група од 20 до 24 години има три лица – стои во извештајот на Институтот.

Според нив, најмногу регистрирани со ХИВ/СИДА се во Скопје – 17 лица, четворица во Битола и по тројца во Прилеп, Штип, Велес и Струмица. Нови случаи со оваа инфекција има и тоа двајца во Кавадарци и Тетово и по еден случај има во Демир Капија, Гевгелија, Гостивар, Кратово, Куманово и Охрид.

Здравствените власти велат дека и покрај пандемијата пациентите ја имаат потребаната терапија, како и постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на ковид-19 се остварува зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.

-Оваа година, поради пандемијата со ковид-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба која директно влијае во обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак, се постигнати значајни резултати – вели министерот за здравство Венко Филипче.

Според Андреј Сених, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, годишно во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ.

-Вкупниот проценет број лица со ХИВ би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица, додека бројот на тие кои не биле свесни за својот ХИВ статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица. Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица, односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болест – информира Сених.

Тој појаснува дека во изминатите пет години од вкупно 225 регистрирани нови инфекции речиси половина или 48 проценти биле доцна дијагностицирани, а една петтина биле дијагностицирани во многу напреден стадиум на ХИВ инфекцијата.

-До крајот на 2020 година вкупно 112 лица се регистрирани како починати. Обично има од еден до два или три случаи на смрт во годината. Минатата година имаше повеќе, а тоа се должи на доцна откриена ХИВ инфекција – укажува Сених.

Светската статистика покажува дека возрасни и деца кои живеат со ХИВ во светот се 37 милиони и 700.000 лица во 2020 година, а новоинфицирани со ХИВ се 1,5 милиони лица. Според сознанијата на СЗО, ХИВ останува главен проблем на јавното здравје кој погодува повеќе од 2 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО.

Хронолошки во јуни 1981 година американските лекари првпат ја детектираа инфекцијата која ги погодува младите, хомосексуални мажи. Брзо потоа ХИВ/СИДА стана најсмртоносна пандемија во поновата светска историја. Досега за сидата не е пронајдена вакцина.