Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Протест на УПОЗ во Скопје за зголемување на платите на судската администрација за 78 отсто

Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава, денеска протестираат во Скопје со барање за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.

Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.

По почетокот на протестот, од Синдикатот информираа дека се повикани на средба во Министерството за правда во 14 часот.

Упатија пораки за достоинствени плати и предупредија дека без нив не може да функционира судството.

– Судската служба повторно е на улица. Пред почетокот на судската ферија само скопските судови излеговме на двочасовен протест и побаравме 78 проценти покачување на плата и враќање на додатоците на плата како што тоа го добија функционерите. Денеска членовите на Синдикатот на УПОЗ и други вработени кои не се членови од сите судови во државата се во Скопје. Овие луѓе што се тука собрани морале да се борат за секое право што го имаат добиено – во 2002 година 80 дена штрајк, во 2016 година – 60 дена штрајк, сега од 2.000 вработени во судовите 1 000 вработени се тука во Скопје и ако тоа не е доволна порака за надлежните да го слушнат нашиот глас не знам што ќе биде, изјави Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на собирот пред ССМ.

Деановски порача дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа.

– Работата во судовите е тимска. Доколку еден вработен не си ја заврши работата судијата нема да може да донесе пресуда. Идната недела и колегите од државното правобранителство најавија штрајк. Колегите од обвинителствата вчера започнаа штрајк. Ако колегите од судовите, луѓето што се тука и тие започнат штрајк ќе се парализира целото правосудство. Мора да се разбере дека не може да се живее и не е фер еден во судовите да зема огромна плата, а нашите плати во однос на нивните да бидат во размер 1:6 до 1:7, изјави Деановски.

Апелира на одлуки од Судскиот буџетски совет и Собранието за исполнување на поставените барања.

– Имаме амандман со којшто бараме за сите вработени да се преиспита одлуката за прераспределба на средства во Буџетот да добијат по 78 отсто и да се вратат додатоците. Се уште не е на Комисија за финансирање и буџетот, гледаме секој ден дали ќе ја стават на дневен ред, меѓутоа ако тоа не се измени мислам дека ја знаеме пораката од овие луѓе, рече Деановски.

Тој информираше дека поради штрајкот во Обвинителство, веќе се одложуваат случаите и се работат само итни и неодложни предмети.

– Како што најавивме вчера, значи притвори, претреси и оние предмети каде што има жалби и треба да се запазат роковите, а се’ друго не се работи и нема да се работи. Денеска бевме на разговор со обвинителот за организиран криминал, денеска ќе имаат и тие состанок, поддршката ја имаме и од обвинителот за организиран криминал, од републичкиот обвинител, на ред се министрите и Владата да се заземат за нас, рече Деановски.

Доколку се зголеми за 78 проценти, просечната плата на администрацијата од судовите ќе биде околу 24.000 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека бараат плата за достоинствен живот.

– Достоинствено се живее со 78 проценти зголемена плата, меѓутоа пратениците сакаат така само за себе, а за нас не. Денеска дојдовме да ги земаме нивните плати, дојдовме по 78 проценти – ако може за нив, може и за нас. Денеска сме тука да упатиме порака дека без нас не може да функционира судството, дека судиите сами не може да ја завршат работата, дека ќе бидеме повторно на улица ако е потребно и ако немаат слух за нашите и вашите плати, тоа што го направија со намалувањето на додатоците, тоа што немаат обѕир за нас, за нашите семејства за достоинствен живот, тоа што зголемувањето на 78 проценти на нашите плати ќе значи пристојна плата над просечната плата, а денеска две третини од вас добиваат блиску до минималната плата е срам за овој Парламент, срам за овие пратеници и од нив ќе побараме одговорност, подвлече Трендафилов, меѓу другото, пред Собранието.

Членството на УПОЗ по денешниот протест дополнително ќе одлучи за идниот начин на делување, дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите.

Протестен марш денеска од пред Кривичен суд во Скопје до Министерството за финасии организираа и Независниот синдикат на судската администрација и Синдикатот на затворската полција, со истите за зголемување на платата и враќање на додатоците на плата.