Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

САД со директна порака до Александар Вучиќ: Повлечија војската од границата со Косово

НАТО вели дека го зголемува своето присуство во северно Косово како резултат на зголемените тензии со соседна Србија, а САД ја повикаа Србија да ги повлече насобраните воени сили на границата со Косово.

Зголемувањето на тензиите доаѓа откако 30 вооружени Срби влегоа во косовското село Бањска минатиот викенд. Косовски полицаец и тројца од напаѓачите загинаа во вооружена пресметка.

„Потребен ни е НАТО бидејќи границата со Србија е многу долга и српската армија од неодамна ги засилува своите капацитети. Тие имаат многу воена опрема од Русија и од Кина“, вели косовскиот премиер Албин Курти.

Тој додаде дека Србија сака да го врати назад времето.

„Тие се во потрага по временска машина. Тие сакаат да го вратат времето назад 30 години. Но, тоа нема да се случи“, вели тој.

Косово прогласи независност во 2008 година, но Србија, како и неколку членки на ЕУ не ја признаваат.

Советникот на национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби потврди дека Србија распоредила голем број тенкови и артилерија на границата со Косово. Тој го опиша ова распоредување како „многу дестабилизирачки чекор“ и ја повика Србија да ги повлече трупите.

Белата куќа исто така вели дека САД се подготвени да соработуваат со сојузниците за да осигураат дека КФОР ќе ги има сите ресурси на располагање за да ја исполни мисијата.

Кирби додаде дека државниот секретар на САД Ентони Блинкен му се јавил на српскиот претседател Александар Вучиќ и побарал од него итна деескалација и враќање на дијалогот.

Велика Британија исто така соопшти дека испраќа војници за поддршка на мировниците на НАТО на терен.

Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српска листа, главната српска партија во Косово, поднесе оставка вчера откако призна дека ја формирал вооружената група одговорна за нападот минатиот викенд.

ЕУ и САД со години безуспешно се обидуваат да посредуваат да се постигне долготраен мир меѓу Косово и Србија, но проблем останува статусот на северно Косово, каде што мнозинството од населението е српско.