Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Шолц лично ќе се заложи Македонија да ги започне преговорите со ЕУ

Германскиот канцелар нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција.

Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Северна Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори.

Македонија, според него, ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.

„Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите“, рече Шолц.

Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ.

Премиерот Ковачевски потенцира оти ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.

„Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е силна, постојана и недвосмислена. Таа поддршка за нас е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности како рамноправен партнер на Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ“, рече Ковачевски и оцени дека посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Македонија.

„Заедничките цели се нашата земја да е членка на ЕУ“, рече Ковачевски.