Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Столтенберг потврди дека НАТО одобри испраќање дополнителни сили во Косово поради актуелната ситуација

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Северноатлантскиот совет одобрил испраќање дополнителни сили вп Косово поради актуелната ситуација.

По денешниот состанок на Северноатлантскиот совет за ситуацијата во Косово, Столтенберг изјави дека претставниците на членките на Алијансата „изразиле длабока загриженост поради растечките тензии на северот на Косово“, објавено е на веб-страницата на НАТО.

– Од мај го зајакнуваме присуството на силите на КФОР. Вчера Северноатлантскиот совет одобри дополнителни сили за справување со актуелната ситуација, рече Столтенберг.

Тој истакна дека НАТО ги повикува „сите страни на итна деескалација“.

– Продолжуваме да апелираме до Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на ЕУ, како единствен начин да се решат отворените прашања и да се постигнат решенија што ги почитуваат правата на сите заедници. Ова е клучно за трајна безбедност на Косово и стабилност во регионот, додаде генералениот секретар.

Тој, исто така, изјави дека мисијата КФОР продолжува да одржува „видливо и агилно присуство“ низ Косово и тесно соработува со сите релевантни актери во Белград и Приштина, како и со Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), ОБСЕ, Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) и дипломатската заедница.

– Секогаш ќе ги преземеме сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе што живеат во Косово. Тоа го правиме непристрасно и во согласност со нашиот мандат добиен од ОН, додаде Столтенберг.

Ситуацијата на северот на Косово е крајно тензична од 24 септември, кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска. Во нападот загина косовскиот полицаец Африм Буњаку, а во размената на оган што следеше загинаа и тројца Срби.

Косовската полиција утринава изврши претреси во северниот дел на Митровица, Звечан и Зубин Поток. (МИА)