Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Централен регистар co општи појаснувања по повод здружението „Цар Борис Трети“, а неговиот син ја дал согласноста

Лично Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како Царот, ја дал согласноста за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко, пишува 360 степени.

Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети" - Охрид, како јавен документ кој се добива со поднесено барање за кое се плаќа според тарифникот на Централниот регистар, напиша порталот и го објави документот.

„Почитуван г-н Блажески,

Со интерес дознав дека вие и вашите истомисленици сакате да основате културно-просветно друштво во Охрид. Ви благодариме за иницијативата ова друштво да го носи името на мојот татко цар Борис III. Вашиот предлог ме трогна и секако дека ја имате мојата согласност и мојата поддршка.

Мило ми е што знам дека младите како вас имаат време и желба да се зафатат и со оваа задача, така што ќе се зачува во историската меморија.

Ви посакувам успех во вашиот напор и се надевам цека ќе се видиме еден ден", пишува во преводот на изјавата од Симеон Сакскобурготски.

Инаку, вчера Министерството за правда соопшти дека од нив не било побарано мислење во врска со регистрација на споменатото здружение. 

Од друга страна, како што веќе има соопштено министерството, во Македонија не постои институција која поседува регистар на имиња од историјата, така што ниту една институција практично не е надлежна да се произнесе кога се доставува барање за регистрација на здружение. Затоа и секогаш до Централен регистар во вакви случаи бил испраќан одговор со ваква содржина:

„Министерството за правда не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име".

Правната основа за регистрација на здружение кое содржи лично име е доколку основачот има согласност од лице кое е во сродство до трето колено, што во случајов е поранешниот бугарски премиер и син на цар Борис.

По бројните медиумски реакции и, особено по реакцијата на Здружението на Евреите во врска со регистрацијата на здруженијата денеска Централен регистар се огласи со соопштение во кое ја објаснува правната процедура, но и дека секој може да оспори регистрација на некое здружение со поденесување на иницијатива до обвинителството. Во соопштението е наведено:

„Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се забранува работата за организацијата. Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“.