Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Во 2022 најголем буџет за дипломатијата

„Отсекогаш надворешната политика била притисната меѓу потребата за силна, современа и професионална дипломатија од една страна, и економската состојба и со тоа буџетските приоритети на државата од друга страна. Буџетот на МНР за 2022 година е предвиден на 1,65 милијарди денари или околу 27 милиони евра што преставува зголемување од нешто над 360 милиони денари, или околу шест милиони евра“, истакна Османи.

Министерот рече дека овие средства ќе бидат наменети за издатоците поврзани со пополнување на сите испразнети амбасадорски места, доекипирање на амбасадите и конзулатите со дополнителен дипломатски кадар, а во овие средства се влезени и издатоците за економските советници во амбасадите, но и зајакнување на кадарот за комуникација со дијаспората.

Покрај редовната дипломатска активност, во следната 2022 година Македонија ги почнува и обврските поврзани со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, процес кој суштински трае три години. За оваа намена во буџетот за 2022 година предвидени се околу 110 милиони денари, или 1,8 милиони евра. Догодина во мисијата во Виена ќе се упатат најмалку 15 лица кои ќе работат на нашата улога во рамките на претседавачкото трио, но и ќе се подготват за финалното преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година, се вели во соопштението на МНР.

Во зголемувањето на буџетот влегува и преземената обврска согласно одлуката на Владата која одобри повеќегодишните буџетски средства во висина до пет милиони евра, за реализација на активности на повеќе дипломатски и конзуларни имоти. Се работи за имотите во: Цирих, Атина, Канбера, Будимпешта, Бразилија и Анкара, токму онаму каде што е утврдено дека поради неопходната потреба од реконструкции, реновирања и потребни адаптации, веќе подолго време нашите имоти не се користат за потребите на дипломатско конзуларната мрежа. Реализацијата на овие капитални инвестиции понатаму ќе обезбеди заштеди на годишните трошоци кои сега се одвојуваат за наемнини и други редовни трошоци.