Macedonia

Во тајна група на „Телеграм“ се споделуваат порнографски видеа и фотографии од малолетни девојчиња

На телекомуникациската апликација „Телеграм“, која функционира на сличен начин како познатата „Вајбер“ (Viber) веќе со недели функционира група во која засега има над 7.400 членови, а се споделуваат експлицитни фотографии и порнографски видеа од девојчиња од Македонија, дел од нив малолетни.

За оваа група, позната како „Јавна соба“, во јавноста се шпекулира веќе еден месец, но сега јавно се осмелија да проговорат дури и професори од средните училишта кои се загрижени за безбедноста на учениците, но и општо, за приватноста на оние чии слики се споделуваат без нивно знаење.

„Ова е група во која се споделуваат фотографии од малолетни девојчиња, од 12, 13 години и малку повозрасни. Фотографиите се преземени, не само од отворени Инстаграм профили туку и од приватни пораки меѓу двајца соговорници (девојки кои претходно испратиле приватни интимни фотографии до свои пријатели или до партнери). Во оваа група може да се пристапи со лажен профил, па во неа веројатно има и возрасни лица. Прегледот на оваа група покажува дека ова е платформа во која се објавуваат порнографски материјали на малолетни девојчиња и тоа со име и презиме или само со име и место на живеење. Секој член на групата може да ја зачува објавената фотографија и истата да ја користи за свои цели“, сведочи професорка од едно средно училиште во Скопје.

„А1он“ успеа да влезе во групата каде што се споделуваат интимни фотографии и порнографски видеа на малолетни и полнолетни девојки. Во групата имаше над 7400 членови од кои над 1200 се активни во моментов.

„Дајте некое девојче од Хиподром“, пишува еден од членовите.

Потоа некој од членовите, кој не се запишан со вистинско име и презиме постира фотографија од разголено девојче и прашува дали некој ја познава.

Членовите на групата бараат разголени фотографии од девојчиња од Кавадарци, а бараат и фотографии од девојки со конкретни имиња и презимиња.

Професорката од Скопје која прва проговори за оваа група на „Телеграм“ бара од институциите да преземат соодветни мерки.

„Институциите се на потег! Ова е аларм за сите нас – најмногу родителите, па училиштето и целата заедница. Пред очи ни се случува дегенерација на новата генерација млади и општ пад на моралот на сите нивоа. Ова е крајно загрижувачка, сериозна опомена дека децата, воспитанието и нивното образование се најзапоставените приоритети“.

За овој случај ќе биде известено Министерството за внатрешни работи, бидејќи, како што велат неколкумина наши соговорници, ситуацијата е излезена надвор од контрола, во секоја минута се додава по некој нов член со лажно име и презиме или пак со прекар, а фотографиите што се споделуваат се прават без дозвола на девојките што ги направиле. Останува отворена опасноста дека дури и да се затвори оваа група, ќе биде отворена нова со што повторно би била загрозена приватноста и безбедноста на девојчињата чии фотографии се споделуваат.