Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Ахмети го гаси жарот на скопските „огнени“ интегративци

„Заедно со мојот пријател Али Ахмети", напиша Беџети под фотографијата, но додаде „и во мојот став против извршната власт".

Без многу жар беа изјавите на потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој важи за главна личност на скопскиот терен на интегративците. Рече дека можеби не се стопроцентно во право, но дека бараат дебата и дека имаат аргументи во однос на функционирањето на ДУИ во извршната власт. Ахмети пак овозможи дебата и оцени дека неговите „огнени" сопартијци се дел од ДУИ, дека не станува збор за уривање на позициите на ДУИ, ниту за формирање на нова партија .

Од почеток, кога беше објавено јавното писмо со барање за смена на Артан Груби од функциите, кој е инаку најблискиот соработник на лидерот, „огнената група" не се изјасни со критика против Ахмети. Тој останува неприкосновен. И јасно им е дека како олицетворение на конфликтот од 2001 година и како основач на ДУИ Ахмети едноставно не можат да го сменет. Освен ако еден ден самиот одлучи да се повлече и пензионира. А тогаш, јасно е дека Груби е најблиску до преземање на партијата, имајќи предвид дека веќе 10 години е веднаш до Ахмети. И како шеф на неговиот кабинет, и како генерален секретар и како министер па и на измислената владина функција прв вицепремиер. И кадровските и финансиските и сите големи работи, така барем велат во ДУИ,  одат преку него.

Некогаш моќните скопски функционери останаа без поголемо влијание во партијата и сѐ она што е поврзано со една партија која цврсто стои на власт во една мала држава Македонија.

Меџити многу внимателно синоќа се изрази во однос на барањето за смена на Артан Груби, имајќи ја предвид наклонетоста на Ахмети, но и досегашниот молк на Груби, па критиката беше обликувана во негова оптовареност со функции и обврски.

„Не само Артан Груби, туку никој не може да биде и организациски секретар и вицепремиер и да биде компетентен за проекти, за организирање на концерти, за релациите со медиумите. Тоа е апсурдно", рече Меџити.

Новинарите го прашаа лидерот на ДУИ дали партијата може без Артан Груби, на што Ахмети одговори потврдно, а прашањето беше формулирано така имајќи ја предвид неговата изјава од пред три дена кога рече дека партијата може да функционира без секого при што тој наведе повеќе имиња, па и сопственото, но не го спомена Груби.

Но пред новинарите Ахмети искористи да порача дека ДУИ е 20 - годишна инвестија па дури ја нарече и национално богатство, партија која ги раздвижи Албанците од Струга до Липково. Тој не случајно искажа пофални зборови токму за функционерите во извршната власт, споменувајќи го и еден од огнените, Муса Џафери, како долгогодишен вицепемиер.

Нема власт без проблеми, но сепак оценката е дека треба да бидеме горди за учеството на ДУИ во власта, рече Ахмети целејќи токму кон едно од барањето на „огнените" како израз на незадоволство од извршната власт:

„Ние сме горди на луѓето кои нѐ претставуваат. Мора да кажеме и во однос на евроатланските интеграции како наша трајна определба. Годи кон луѓето кои нѐ претставуваат од Брисел сѐ до Вашингтон. Не го велам јас ова, така велат меѓународните претставници, дека навистина имаме добри претставници. Има работи, има и мали проблеми кои треба да се поправат. Но да ја имаме предвид човечноста, браќа сме, функциите доаѓаат и си одат, човечноста останува. Така им реков. Па и на свадби сме оделе, за големи и мали нешта сме се радувале, за мали проблеми не вреди да се јадеме и делиме", рече Али Ахмети.

Тој наведе дека различни се проблемите во извршната власт, различни на локално ниво и дека е нормално да има и недоразбирања, нормални се и грешки кои по пат на разговор се надминуваат. Со такви проблеми, како што рече, се соочува веќе 20 години и тие се решаваат. Со излегување и создавање на нова партија проблемите не се решаваат.

„Не станува збор за формирање на нова партија, ние разговараме, седнуваме на маса, тоа е одликата на ДУИ", нагласи Ахмети.

"Реакцијата е во вистински момент, искрена, сериозна. Убедени сме дека овие разговори ќе бидат во служба на ДУИ, изјави Меџити синоќа, по средбата, во гостување на Алсат.

Дали е Ахмети проблемот? Меџити на директното прашње одговори негативно.

Инаку, во „огнената група" се дваесетина долгогодишни членови и функционери на ДУИ. Тие преку отворено писмо побараа одговорност од од функционери на извршната власт, смена на Артан Груби и побараа Али Ахмети да се заложи да се зачува партиското единство.

П.Џ.