Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Алијанса за Албанците: Оставка од Груби и Рустеми, фирма со руски капитал требаше да го врши надзорот на коридорите 8 и 10

„Конзорциумот избран за овој тендер беше предводен од Институтот ИГХ со седиште во Загреб, а во сопственост на руски олигарси блиски до владата на Владимир Путин и руската ФСБ. Кој стои зад конзорциумот предводен од Институтот ИГХ? Доволна е една обична посета на веб-страницата на компанијата за да се види дека надзорниот одбор на компанијата го сочинуваат тројца руски државјани: Сергеј Глијаделкин, Маријан Ткач и Игор Ткач. Претседател на раководниот одбор е Роберт Петросјан, уште еден поединец по потекло од поранешниот СССР, образован во Узбекистан и со долгогодишно искуство во водечки руски компании. Овие податоци се потврдени од хрватскиот судски регистар, исто така јавно достапен. Подеталните истраги во хрватските медиуми покажуваат дека Сергеј Глијаделкин, Маријан и Игор Ткач биле во центарот на неколку корупциски скандали во Хрватска, во кои се вмешани високи владини претставници во врска со купување имоти во Загреб, јужна Франција и Женева“, соопшти Алијанса за Албанците.

АА се повикува на податоци на американскиот тинк-тенк Атлантски совет за тоа дека фирмата на Глијаделкин, Aвенју груп, е главен акционер во Институтот ИГХ и е меѓу главните изведувачи на руската влада. Според Атлантскиот совет, Глијаделкин е дел од пошироката стратегија на Кремљ за руска инфилтрација во Европа.

Според АА, партнерот на Институтот ИГХ, Институтот за патишта Велес е мала компанија основана во 2021 година со депозит од 5.000 евра и за којашто нема финансиски податоци.

„Нејзин сопственик е Сотир Ампов, сметководител од Гевгелија познат во правосудниот систем и претходно спомнат во кривични предмети. Од базата на податоци за јавни набавки, произлегува дека оваа компанија досега има добиено два тендери од Државни патишта за надзор на градежни проекти, што ги зголемува сомневањата за корупција. Значи повеќе од јасно е дека Кремљ и ФСБ стојат зад Глијаделкин и Институтот ИГХ. Затоа, вицепремиерот Груби како политички одговорен и директор за државни патишта, Ејуп Рустеми како административен одговорен, ја загрозија, без преседан, националната безбедност со тоа што склучија договор со Институтот ИГХ да ја надгледува работата на Бехтел-Енка. Да не беа финансиските санкции на сојузниците кон Русија, денес Путин и ФСБ ќе седеа со скрстени нозе на најстратешкиот проект за Албанците и нашите сојузници во Северна Македонија и Западен Балкан“, нагласуваат од АА и додаваат дека вистинска среќа е што пропаднал договорот бидејќи Институтот ИГХ не ја депонирал навреме банкарската гаранција предвидена во договорот.

Но она што загрижува, велат од АА, е дека цел систем не успеа да го открие овој злонамерен обид за инфилтрација на Кремљ и ФСБ. „Бараме итна оставка од гореспоменатите функционери и го повикуваме Јавното обвинителство да го истражи неуспехот на институциите за национална безбедност да ја откријат заканата од Институтот ИГХ и да ги идентификува одговорните за ова безбедносно фијаско со коруптивни карактеристики“, соопшти АА.