Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Еврото се опоравува, доларот попушта: И понатаму тензија на пазарот, банката на Австралија го забави темпото

Еврото се движи близу највисокото ниво од 22 септември во однос на доларот во Азија денеска, американската валута ослабе во однос на кошницата ривали, додека британската фунта го продолжи своето закрепнување по одлуката на владата да ги укине контроверзните намалувања на данокот на доход за најбогатите во Британија.

Австралискиот долар остро падна во однос на американскиот долар откако централната банка на земјата ги изненади пазарите со помалото од очекуваното зголемување на клучните каматни стапки.

Австралискиот долар во еден момент за време на трговската сесија потона за дури 0,97 отсто во однос на американскиот колега, а според најновите достапни податоци се тргува на ниво од 0,6482 долари или 0,5 отсто, пренесува Ројтерс.

Австралиската централна банка соопшти дека одлучила да го забави темпото на затегнување на монетарната политика бидејќи каматата на готовинските заеми значително се зголеми за краток временски период, но ја остави отворена вратата за натамошни зголемувања на референтната стапка.

Еврото утринава се тргуваше близу највисокото ниво од 22 септември, добивајќи 0,15 отсто на 0,9838 американски долари.

Фунтата исто така порасна за 0,08 отсто на 1,1333 долари, откако ја отвори трговијата за 1,13435 долари, што ја допре на 22 септември, еден ден пред новата влада да ги потресе пазарите со својот предлог за мини – буџетот, кој предвидуваше големо намалување на даноците што би се финансирале со зголемување на државното задолжување.

Британската премиерка Лиз Трус, под притисок на пратениците од нејзината Конзервативна партија, вчера се откажа од тој план.

Доларот изгуби одредена поддршка во однос на конкурентите бидејќи приносите на американското Министерство за финансии паднаа во текот на ноќта, откако домашните економски податоци покажаа забавување на производството, што укажува на тоа дека производителите веќе го чувствуваат влијанието на агресивното зголемување на каматните стапки на Федералните резерви (ФЕД).

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте главни ривали, утринава изнесуваше 111,55, што е блиску до најниското ниво од 111,46 последен пат забележано на 23 септември. Индексот на доларот минатата среда скокна на 20-годишен максимум од 114,78 поени.

Истражувањето на американскиот Институт за управување со снабдување (ISM), објавено синоќа, покажа дека производната активност во САД била најбавна во последните речиси две и пол години во септември, бидејќи новите нарачки паднале. Во однос на јапонскиот јен, доларот порасна за 0,14 отсто на 144,77 јени, под нивото од 145 јени што накратко го допре во понеделникот, првпат по 22 септември кога јапонските власти интервенираа на девизниот пазар за поддршка на домашната валута.

Јапонскиот министер за финансии Шуничи Сузуки вчера повтори дека властите се подготвени да преземат „одлучни“ чекори на девизниот пазар доколку продолжи „острото и еднострано“ негативно движење на јенот.