Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

ФБИ спискало 40 години на Арета Френклин

Повикувајќи се на законот за достапност на информации, магазинот Ролинг Стон деновиве дојде до ФБИ досието за Арета Френкин чии делови дури неодамна биле декласифицирани. 

Федералците ја следеле од 1967 до 2007 година, обидувајќи се да докажат нејзина поврзаност со радикални движења како што е Црната ослободителна армија или Црните пантери.  Начукале 270 страници материјал полн со етикети како црнечки екстремисти, про-комунисти, америкомрсци, радикали, милитанти...

Ѝ ги прислушкувале телефоните, следеле преписки, инфилтрирале свои луѓе во нејзина окoлина, правеле лажни телефонски повици... Јасно, немале за што да ѝ се фатат само што, за да го сфатат тоа, им биле потребни четири децении и којзнае колку буџет. 

„Не сум сигурен дека мајка ми знаеше за ова. Само знам дека немаше што да крие“ вели син ѝ за Ролинг Стон.

За да ја оправдаат одлуката таа да им е „предмет на интерес“ ФБИ гротескно ја пумпал опасноста од неа. Кога во 1968 година одбила да настапи на Ред Рок во Денвер а нејзините фанови потоа го демолирале амфитеатарот, ФБИ тоа го заведува како „расно насилство“. А единствена причина за откажување на настапот било тоа што промотерот одбил да ѝ плати однапред, што било принцип до кој секогаш држела. 

На сличен начин и нејзините муабети околу погребот на Мартин Лутер, ФБИ го заведува како „расна ситуација со опасно емотивно полнење кое може да предизвика расни немири“.

Уште од раните денови на движењето за човекови права, државата особено внимавала на црните лидери, активисти и уметници кои биле вклучени во анти-воениете движења или пак, било доволно само да му бидат сомнителни на озлогласениот Едгар Хувер за да се почне да се копа по нивните приватни животи.

ФБИ досие имале и Марвин Геј, Џими Хендрикс, Витни Хјустон, Биги.... Досието на Миријам Макеба, сопруга на активистот Стоукли Кармајкл  (татко на кованицата „Black Power“) има цели 292 страници во кои се набројуваат дури и апаратите за бела техника која жената ги купувала за по дома.