Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Германска компанија најави производство на електрични возила и во Македонија и во Бугарија

Првиот вицепремиер Артан Груби денеска објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ ќе произведува електрични возила во Тетово. Свеченоста за камен-темелникот е закажана за годишнината на Охридскиот мировен договор, во сабота на 13 август во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово. На денешната седница македонската Влада ја одобри државната помош за реализација на оваа инвестиција во износ од 130 милиони евра со што ќе се отворат 900 нови работни места, напиша Груби.

Претходно беше спомената инвестиција од 720 милиони евра. Официјално, во соопштението на Владата се вели со оваа мултимилионска инвестиција ќе се отворат 3-4 илјади нови работни места.  

Еве што по владината објава на својот фејсбук-профил напиша премиерот Димитар Ковачевски:

„Во Република Северна Македонија, за прв пат, ќе се произведуваат електричните возила e-GO. На денешната владина седница ја одобривме владината поддршка за да се реализира оваа мултимилионска германска инвестиција, која ќе даде голем придонес во македонската економија.

Првата фабрика од автомобилската индустрија во која за прв пат ќе се произведуваат целосни електрични автомобили се гради во ТИРЗ Тетово. Со изградбата на новата фабрика обезбедуваме нови работни места за нашите граѓани, договори за дополнитена соработка со други локални компании, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии. Ова е можност Северна Македонија да биде мапирана од странските инвеститори од автомобилската индустрија. Како Влада правиме сѐ за да обезбедиме подобра иднина за сите наши граѓани“, напиша Ковачевски.

Како партнер на германската компанија најавена е домашната интернационала компанија „Еколог“.

Германската старт-ап компанија Некст.е.Го позната е по тоа што се занимава со производство на мали електрични возила.

Оваа компанија пред една година објави дека ќе инвестира 14 милиони евра во производство на електрични возила во Бугарија. Фабриката ќе се отвори догодина, а истата ќе се наоѓа северно од градот Ловеч. Во истата ќе работат околу илјада работници кои ќе произведуваат мали градски нискобуџетни е-возила. Планирано е годишно производство од 20 илјади електрични возила.

Најавено е дека бугарската влада ќе обезбеди вкупно 34 милиони евра за поддршка на германската компанија во неколку рати – првата рата кога ќе почне производството, втората кога ќе се достигне производство од 10.000 автомобили, а последната рата со производство од 20.000 автомобили годишно. Инвестицијата на германската компанија за операцијата во Бугарија ќе биде 143,2 милиони евра.