Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Германските демохристијани ги обвинуваат украинските бегалци за „социјален туризам“

„Ние во меѓувреме, имаме појава на 'социјален туризам': во Германија, назад во Украина, во Германија, назад во Украина", рече Фридрих Мерц во интервју за ТВ Билд.

Тој смета дека позадината на овој тренд е фактот што од јуни, украинските бегалци имаат право на целосна социјална помош и финансиска поддршка, исто како и германските граѓани. Тоа за возрасни изнесува 449 евра и за секое дете, во просек и зависно од возраста, околу 300 евра. Заедно со тоа доаѓа и покривање на трошоците за домување.

Пред тоа, бегалците од Украина примале помош врз основа на законот за баратели на азил, при што се работи за помали износи на помош.

Во исто време, Мерц се спротивстави на обезбедувањето заштита на Русите кои бегаат од мобилизација, како што предложи социјалдемократската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.

„Нè чекаат уште поголеми проблеми доколку Министерството за внатрешни работи го постигне тоа што го планира и обезбеди општа заштита на мажите кои не сакаат да бидат мобилизирани во Русија“, рече Мерц.

Претставниците на партиите од владејачката коалиција жестоко ги критикуваа изјавите на Мерц. Министерката за внатрешни работи Фезер ги нарече коментарите на претседателот на ЦДУ „валкани“. „Ова е собирање политички поени на грбот на украинските жени и деца кои избегаа од Путиновите бомби и тенкови“, рече Фезер.

Зелените ја обвинија најголемата опозициска партија дека посегнува по речникот на десничарските популисти, таргетирајќи ги ставовите на Алтернатива за Германија (АфД), чии претставници веќе упатија обвинувања против бегалците од Украина за наводна злоупотреба на германскиот социјален систем.

До септември во Германија пристигнаа нешто помалку од милион бегалци од Украина, кои, за разлика од другите бегалци, имаат право на целосна социјална помош, курсеви за интеграција и право на работа уште од самото пристигнување.