Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Грчка вечер на „Охридско лето“

Со настап на триото „LEΣ LYRISTEΣ“ вечер во црквата „Света Софија“ ќе се одржи традиционалната Грчка вечер на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. На фестивалскиот репертоар е и театарска претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, во режија на Бљерта Незирај, што ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Грчкото три „LEΣ LYRISTEΣ“ го сочинуваат Софија Каракута – вокал и тригином, Роза Фрагорапти – лира и Никос Ксантулис – лира варвитон.

Основниот елемент при формирањето на триото „LEΣ LYRISTEΣ“, според информацијата на Националната установа „Охридско лето“, е античката грчка лира со седум жици, која е симбол на музиката во западно-европската традиција.

-Прекрасниот звук на лирата, кој ги маѓепсувал античките филозофи е оживеан низ музицирањето на ова трио во комбинација со основниот човечки инструмент – гласот. На тој начин овој инструмент (лирата) го бара своето место на музичките сцени во денешното, модерно време, стои во информацијата.

Од основањето во 2020 година, овој ансамбл настапува на бројни концертни сцени во Грција и надвор од неа, на фестивали, едукативни програми, работилници, конференции, универзитетски проекти и на програми на радио. Нивниот прв албум со поезија на поетесата Сафо и музика создадена од др. Никос Ксантулис треба да биде објавен наскоро.

Претставата „Балкан Бордело“ иако беше предвидено да се одигра во предворјето на црквата „Св. Софија“, поради најавите за врнежи од дожд е префрлена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

Театарската претстава „Балкан Бордело“ од Јетон Незирај, а во режија на Блерта Незирај е трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, во соработка со Центар Мултимедија – Приштина, Театар Ателје 212 – Белград и Мој Балкан – Белград/Њујорк.

-„Балкан Бордело“ е сага за едно балканско семејство и се темели на Есхиловата трилогија „Орестија“. Претставата покрај црниот хумор го обработува и балканскиот темперамент, ја следи морбидноста на човечката душа и ја осветлува глупоста и наивноста на еден период изграден на насилство, нетолеранција и омраза. Ликовите од претставата се препуштаат на судбината и речиси несвесно паѓаат во стапицата на незадоволството и уништувањето, соопшти „Охридско лето“.

Улогите ги играат Светозар Цветковиќ, Марија Вицковиќ, Џорџ Дренс, Јуџин Д Пуџин, Валоа Микенс, Мати Барбер-Бокелман, Иван Михаиловиќ, Мет Насер, Верона Коџа, Адриан Морина.Костомографијата е на Габриел Бери, сценографијата ја изработи Марија Калабиќ, а кореограф на претставата е Ѓерѓ Превази. (МИА)