Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Игор Неделковски од денеска нов ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Проф. д-р Игор Неделковски од денеска е нов ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, академска функција со која се здоби по победата на непосредните избори кои во универзитетските единици се одржаа на 1 јуни годинава.

Според востановената традиција, новоизбраниот ректор ги презеде ректорските инсигнии од досегашниот ректор Сашо Коруновски, а наскоро пред Сенатот на универзитетот, Неделковски ќе ги предложи новите проректори на УКЛО-Битола.

Проф. д-р Игор Неделковски досега ја вршеше функцијата проректор за наука, тој е истакнат универзитетски професор во државата и странство, подолги студиски престои како визитинг професор или истражувач реализирал на универзитети во Австрија, Велика Британија, Германија, Норвешка, Полска, а кратки студиски престои имал во Јапонија, Кина, Индија, САД, Обединети Арапски Емирати и во скоро сите држави членки на ЕУ и Западен Балкан.

Новоизбраниот ректор Неделковски вршел повеќе јавни функции во градот и државата, а во периодот од 2012 до 2016 година, во два мандата беше претседател на најстарата и најголема невладина научна организација во земјава, Македонско научно друштво-Битола.